Финска денеска од Малта го презема едногодишното претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а шефицата на дипломатијата Елина Валтонен ќе биде претседавач.
Валтонен најави дека Финска за време на претседавањето ќе ги нагласи принципите и обврските на ОБСЕ.
- Иако Русија флагрантно ги прекршува, тие сè уште се во сила и претставуваат основа на европскиот безбедносен поредок, рече Валтонен.
Таа нагласи дека поддршката за Украина ќе остане во центарот на финското претседателство во сите димензии, а главна тема на претседавањето ќе биде издржливоста и на земјите членки и на самата ОБСЕ.
Финска исто така планира целосно да го искористи широкиот опсег на алатки со кои располага ОБСЕ.
Финска ќе ги нагласи прашањата како што се кибер безбедноста, слободата на медиумите и медиумската писменост, поддршката за бранителите на човековите права и климатската безбедност, кои се составен дел на едно отпорно општество.
Во текот на годината, Финска ќе се фокусира на родовата еднаквост и инклузија, вклучително и зајакнување на ангажманот со граѓанското општество, особено младите луѓе и лицата со инвалидитет.
Во областа на политичко-воените прашања, Финска ќе претседава и со Форумот за безбедносна соработка во последниот квартал од 2025 година.
ОБСЕ, чие седиште е во Виена, е основана во 1973 година и е најголемата меѓувладина безбедносна организација во светот со 57 земји членки и 11 земји партнери