Полицијата попладнево соопшти дека инцидентот кој се случи утринава за време на новогодишната прослава во Њу Орлеанс, кога возач на пикап удри во толпа луѓе и усмрти десет, а повреди 35 лица, бил „намерен“ и дека напаѓачот пукал во луѓето.
Градоначалничката на Њу Орлеанс, ЛаТоја Кантрел инцидентот го нарече „терористички напад“, но ФБИ кој ја презеде истрагата соопшти дека не се работи за терористички напад и додаде дека на местото на настанот е пронајдена импровизирана експлозивна направа.
Американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за инцидентот, соопшти Белата куќа. Во соопштението се додава дека претседателот е во контакт со градоначалникот на Њу Орлеанс ЛаТоја Кантрел за да понуди поддршка.
Инцидентот се случи на улицата Бурбон за време на новогодишната прослава околу 03:15 часот по локално време. Тоа е улица позната по бројните барови и клубови. Улицата е затворена, а сите служби се на терен. Не е познато дали напаѓачот е уапсен.