Холандските власти во рамки на проектот нарачен „Војната на суд“, објавија листа на околу 425.000 граѓани на Холандија осомничени дека соработувале со нацистите за време на окупацијата на земјата во Втората светска војна.

Станува збор за базата на податоци со имињата на лица кои по Војната биле под истрага за соработка со германските окупатори и која од вчера првпат е достапна во јавноста.

Од осомничените „квислинзи“ над 150.000 и биле осудени за соработка со окупаторот и им била изречена некаква казна.

- Оваа архива содржи важни приказни и за сегашните и за идните генерации. Без дигитален пристап, оваа архива беше недостапна за многумина, особено за помладите генерации. Само масовниот и лесен пристап до оваа важна архива со сите аспекти на војната ќе ја задржи нејзината релевантност и ќе ни овозможи да продолжиме да учиме од минатото, соопшти истражувачката група „Институт Хујгенс“, која помагаше во дигитализација на податоците.

Инаку, проектот „Војната на суд“ е субвенциониран со средства од холандските министерствата за правда, за образование и за здравство.

Онлајн базата содржи имињата на сите осомничени и не се прецизира дали тие се прогласени за виновни за каква било соработка со Германците или се ослободени од обвиненијата. Покрај имињата на осомничените соработници на нацистичките окупатори, архивата содржи и имиња на околу 20.000 холандски граѓани, кои се пријавиле да служат војска во германскиот Вермахт, како и на припадници на тогашната фашистичка партија Национал-социјалистичко движење (НСБ) на Антон Мусерт.

Општата регулатива за заштита на податоците на Европската Унија (ГДПР) забранува објавување на лични податоци на поединци, но таа забрана не важи за починати лица, а речиси сите наведени во архивата веќе не се меѓу живите.

Според директорот на Холандскиот национален архив, Том де Смет, можно е објавувањето на оваа архива да предизвика „болни дискусии“ во Холандија.

- Соработката (со окупаторот) се уште е голема траума. За неа не се зборува. Се надеваме дека со отворањето на архивите, табуто ќе биде скршено, изјави Де Смет.

Холандија беше под германска окупација од мај 1940, па речиси до мај 1945 година. Според проценките, при Холокаустот биле убиени над 100.000 холандски Евреи.

Едно истражување од 2023 година покажа дека речиси 25 отсто од Холанѓаните родени по средината на 90-те години на минатиот век сметаат дека „Холокаустот е мит“, а дури 53 проценти од сите холандски граѓани опфатени со анкетата не сметаат дека нивната земја била „место на Холокаустот“. Сепак, 77 отсто од Холанѓаните се согласуваат дека сеќавањето на Холокаустот е важно.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/01/2025 16:35