Имајќи ги предвид актуелните ставови на парламентарните политичките партии од мнозинството и од опозицијата, на собраниската седница закажана за в петок, се очекува отфрлање на четирите интерпелации за актуелни министри поднесени од Европскиот фронт, додека за петтата интерпелација за претседателката на Комисијата за труд Илире Даути, дел од пратениците најавуваат дека утре или задутре ќе го изградат својот став. Сепак, како што брифираат пратеници, дури и да се изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, Европскиот фронт може повторно да ја предложи Даути и таа пак да биде претседателка на истото собраниско тело.
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.
Пратеничката група на СДСМ, како што изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација.
- Остануваме на ставот. Тоа е и одлука на Извршниот одбор на партијата. Нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите кои што се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување на интерпелација потребно е да се видат критериумите и секако сите оние аргументи кои се поврзани со лошото работење на некој министер за да може да бидат тие поднесени и да бидат поддржани. Пратеничката група на координација ќе го усогласи настапот на седницата, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Во однос на интерпелацијата за Илире Даути, поднесена од Левица, Кузеска рече дека и таа е поврзана со интерпелациите на ДУИ и, како што претходно било кажано, потребни се критериуми и аргументи.
- Со оглед на тоа дека ниеден амандман на СДСМ досега не е прифатен во Собранието, ние преку овие прес - конференции повикуваме на одговорност и соопштуваме за работата на конкретниот министер, рече Кузеска.
Пратениците од Левица, кои ја поднесоа интерпелацијата против Илире Даути, како што посочи за МИА Амар Мециновиќ, очекуваат широка поддршка во Парламентот, имајќи предвид дека законот кој таа го блокира е предложен од СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ преку нивната портпаролка Марија Митева најави дека би поддржале нејзина смена.
- Сега топката е кај мнозинството. Ова е клучен чекор за ставање крај на самоволието на пратеничката Даути и кочењето на парламентарните процедури преку кршењето на Деловникот, вели Мециновиќ.
Нивната пратеничка група нема да ги поддржи другите интерпелации поднесени од ДУИ.
- Сметаме дека се етнички мотивирани и водени од внатрепартиски интереси и крајно за создавање на етничка и политичка тензија низ која тие најдобро дејствуваат. Левица и понатаму бара оставка од Панче Тошковски кој несоодветно ги исполнува министерските обврски и надлежности и кој за половина година дозволи низа скандали и пропусти, како бегството на Груби, инцидентите со обезбедувањето на Гаши и неговите свадбарски поворки - но, нашите аргументи не се поклопуваат со оние на ДУИ, потенцира Мециновиќ во изјавата за МИА.
Претходно, денеска за интерпелациите во Собранието одговараше и премиерот Христијан Мицкоски кој беше во посета на Штип. Мицкоски рече дека очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.
- Но, мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото, изјави Мицкоски по пуштање клон од градинка и спортска балон сала во населеното место Три Чешми во општина Штип.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа.
- За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја, рече Гаши.
Според него, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието.