Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во интервју за ТВ24 ги презентираше клучните чекори за реформа на јавната администрација, нагласувајќи ја неопходноста од политичка волја, квалитетни законски решенија и рационализација на кадровските ресурси.

Министерот истакна дека основниот гарант за ефикасна јавна администрација е постоењето на политичка волја во структурата на власт. „Во оваа влада има политичка волја за да ги направи првите потребни реформи во јавната администрација“ - изјави Минчев.

Министерот додаде дека овој пакет на предлог закони е сублимат на решенија и акции со кои Министерството за јавна администрација го креира патот на реформите во јавната администрација за сите институции или за целиот државен апарат.

Новите законски решенија предвидуваат и дополнителни критериуми за новите вработувања со цел да се избегне можноста за партизација на јавната администрација.

„Процесот на вработување ќе биде триделен, вклучувајќи проверка на документи, тестирање и интервју“ - истакна министерот.

Тој додаде дека, за прв пат во историјата на Република Македонија, ќе се формира Академија за усовршување на вработените во јавниот сектор и администрацијата, што ќе овозможи почетна и континуирана едукација на постоечките и ново вработените во јавната администрација.

Министерот нагласи дека вработените во јавната администрација не се „венчани“ за една работна позиција и дека е предвиден пакет кој вклучува награди и казни.

„Во овие закони е предвидено и следење на извршување на работните задачи на вработените во јавната администрација, континуирана едукација, проверка и доусовршување на знаењето на вработените согласно ЕУ стандардите”- додаде тој.

Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите, создавајќи модерна и ефикасна јавна администрација која ќе ја врати довербата, и ќе биде во служба на граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/01/2025 05:29