Во делчевското село Ѕвегор и годинава продолжи обичајот под маски „Ѕвегорска Сурова“. Според учесниците на настанот станува збор за доста стара традиција која се организира за Стара Нова Година - Василица. Кум на годинешниот настан е Никола Анастасовски, кој годинава со семејството е задолжен Ѕвегорска Сурова да помине во најдобар ред.
-Наше е да го органзиираме ручекот и вечерата за учесниците. Суровата завршува околу 17 часот, откако суроваскарите одат од куќа на куќа извикувајки го поздравот Сурова. Главна цел е да не ја откријат невестата, ако ја откријат завршува Суровата, вели Анастасовски.
Досега, како што вели, не се случило невестата да биде откриена, заради што годинава ја штитат околу 75 маскирани лица, кои учествуваат на годинешниот обичај.
-Јас ја претставувам маската белак, сите белаци се бориме да не ја откријат невестата. Годинава имаме околу 75 маски. На сите граѓани им посакуваме да е бериќетна годината, а ја користиме приликата сите после 17 часот сите да ги поканиме на завршната забава, на која ќе се избира кум за наредната година, додаде Анастасовски.
За време на овој обичај од страна на домаќините, суроваскарите се даруваат со разни намирници, а на одредени места е поставена трпеза на која за суроваскарите се служи пивтија, баница со црева, како и други специјалитети.
Според постарите обичајот „Ѕвегорска Сурова“ претставува своевиден ,,Театар на отворено" бидејќи додека трае настанот низ улиците во село Ѕвегор маскираните изведуваат комични изведби.
„Ѕвегорска Сурова“ е настан кој го побудува интересот на помладите и постарите од Ѕвегор, Делчево и околните места, кои им се придружуваат на завршната забава. Со овој настан, како што милуваат да кажат учесниците во Сурова, се бркаат злите духови, со цел во годината која претстои да нема никакви проблеми.