Ирска е блиску до формирање нова влада, откако беше постигнат договор меѓу партиите Фиана Феил и Фајн Гаел и „Регионалната независна група“ за формирање на следната влада, објавија ирските медиуми.
Поминаа месец и половина од изборите, на кои ниту една партија не го доби мнозинството мандати потребни за владеење.
Новиот парламент треба да заседава на 22 јануари.
На изборите во ноември, Фиана Феил освои 48 од 174 места, а Фајн Гаел 38. Двете партии од десниот центар, кои владеат во коалиција од 2020 година, не успеаја да постигнат мнозинство од 88 места без поддршка од трета партија.
Партијата на левиот центар Шин Фејн освои 39 места во Даил, Долниот дом, но Фајн Гаел и Фиана Феил одбија да работат со неа поради нејзините врски со Ирската републиканска армија за време на тридецениското насилство во Северна Ирска.
Лидерот на Фиана Феил, Мајкл Мартин, најверојатно ќе биде следниот премиер, откако беше во првата половина од мандатот на претходната влада. Сајмон Харис, лидерот на Фајн Гаел, сега е премиер.
Фиана Феили и Фајн Гаел се долгогодишни ривали уште од Ирската граѓанска војна во 1920-тите. Тие формираа сојуз откако изборите во 2020 година завршија во „мртва трка“.
Според договорот постигнат вчера, двајца членови на главно конзервативната Регионална независна група ќе бидат министри