Општина Ѓорче Петров и Министерството за социјална политика и демографија и млади потпишаа договор за изградба на нова детска градинка во населено место Дексион. Според најновите информации на Општина Ѓорче Петров, оваа инвестиција, која изнесува 82 милиони денари, ќе обезбеди простор и услови за 120 деца од општината.
- Градинката ќе биде изградена на површина од 900 м² и ќе понуди современи услови за раниот развој и подготовка на децата за училиште. Проектот е дел од одлуката на Владата да се доделат средства за капитални инфраструктурни проекти, а се спроведува со поддршка на Министерството за социјална политика и демографија и млади, известуваат од општината.
- Продолжуваме со реализација на проектите за подобрување на условите за нашите најмлади. Оваа детска градинка е уште едно исполнето ветување кон граѓаните на Општина Ѓорче Петров, а нашата посветеност на раниот развој на децата ќе продолжи и во иднина, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
Од општината известуваат дека паралелно се реализираат и други проекти во оваа област. Во тек е изградбата на детска градинка во населено место Стопански двор, а започнати се подготовки за нови градинки во Александрија и Ново Село.
- Општина Ѓорче Петров продолжува со реализација на важни проекти, создавајќи современи и безбедни услови за раст и развој на своите најмлади жители, нагласуваат од локалната самоуправа.