Во седиштето на НАТО во Брисел денеска се одржа официјална церемонија на примопредавање на должноста претседавач на Воениот комитет на Алијансата меѓу досегашниот вршител на оваа функција, холандскиот адмирал Роб Бауер и неговиот наследник, италијанскиот адмирал Џузепе Каво Драгоне.
Церемонијата започна со полагање венец на Бауер на споменикот на жртвите кои ги загубија животите во служба на Алијансата.
Во своето проштално обраќање, адмиралот Бауер ја истакна важноста на довербата и соработката меѓу сојузниците во НАТО, како на политичко, така и военото ниво.
- Од клучно значење е Комитетот да ја задржи својата независна улога во давањето неограничени совети на политичко ниво, додаде Бауер.
Каво Драгоне, пак, во своето инаугуративно обраќање ја истакна својата амбиција за понатамошно градење соработка и кохезија меѓу сојузниците и партнерите на НАТО.
- Сами можеби ќе одиме побрзо, но заедно можеме да отидеме подалеку, истакна Каво Драгоне.
Според него, Алијансата има витално значење во денешното глобално опкружување.
- Ние сме штит за невините. Ние сме она што стои помеѓу слободата и угнетувањето, додаде новиот претседавач на Воениот комитет на НАТО.
На церемонијата присуствуваше и генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, кој му се заблагодари на адмиралот Бауер за неговата долгогодишна „посветена служба во НАТО“.
- Ова беа трансформациски години за НАТО. И не е претерување да се каже дека одигравте клучна улога во оваа трансформација. Помогнавте НАТО да се рефокусира на својата основна дејност за колективна одбрана и на подготовката на нашата Алијанса за оваа нова ера на засилена конфронтација, му порача Руте на својот сонародник.
Инаку, во досегашната кариера Каво Драгоне, меѓу другото, беше командант на италијанскиот Заеднички оперативен штаб, началник на италијанската Воена морнарица и началник за одбрана на Италија. Тој е носител на повеќе ордени и признанија од целата Алијанса, вклучувајќи го италијанскиот орден за заслуги „Витез на Големиот крст“.