Приоритетите на Полска за време на претседавањето со Советот на ЕУ во првите шест месеци од годинава се тема на централната дебата на овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур, но најголемо внимание предизвикува расправата за мерките за справување со општествените ризици по демократијата од илегалните содржини и дезинформациите што се шират преку социјалните мрежи.
Јануарското заседание на ЕП започнува доцна попладнево со дебата посветена на Договорот за прекин на огнот во Газа, во чии рамки се очекува европратениците да се заложат за целосна имплементација на договореното, за почитување на примирјето, за ослободување на заложниците и за ставање крај на хуманитарната криза, но да расправаат и за начините за постигнување трајно мировно решение преку моделот на две држави Израел и Палестина, кои би егзистирале една покрај друга во мир и безбедност.
Во продолжение на денешното дел од сесијата, европратениците ќе дебатираат за потребата од преземање климатска акција за справување со глобалното затоплување, во услови кого во 2024 година беа регистрирани рекордно високи температури.
Утре претпладне заседанието продолжува со расправа за „спроведување на дигиталните правила на ЕУ за заштита на демократијата“. Во рамките на оваа дебата европратениците ќе се осврнат на потребата од имплементација и целосно почитување на Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) и за справување со ширењето на илегални содржини, онлајн дезинформации и други општествени ризици, со цел да се заштити европската демократија од странско мешање и алгоритамска манипулација.
Иницијативата за ваквата расправа потекна од неколку пратенички групи, кои побараа „итна парламентарна дебата за неодамнешните објави“ на сопственикот на Икс, Елон Маск на неговата социјална мрежа посветени на случувања на европската политичка сцена, како и за тоа дали со овие објави се прекршени одредбите за умереност на содржините утврдени со ДСА.
Претседателката на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), Валери Ајер порача дека Европа не може да биде слепа пред намерата на Маск „да се меша во демократските процеси во ЕУ“, додека лидерката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија Перез оцени дека на европските демократии им се закануваат нови опасности, кои „се помоќни и од оружје: лажни вести, говор на омраза и злоупотреба на социјалните мрежи“.
Германскиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Аксел Вос, па, соопшти дека неговата пратеничка група доставила неколку барања до Еврокомисијата за проценка дали однесувањето на Маск е во „спротивност со правилата утврдени со ДСА“, а слична загриженост изрази и европратеникот на Зелените, Демијан Бозелагер во отворено писмо упатено до извршната потпретседателка на ЕК за технолошка сувереност, безбедност и демократија, Хена Виркунен.
По ова, во попладневниот дел од утрешната сесија, предвидена е дебата за геополитичките и економските импликации врз односите меѓу ЕУ и САД од стапувањето на должност на новата Американска администрација на Доналд Трамп, кој денеска официјално треба да ја преземе претседателската функција.
Во продолжение утре европратениците со претставници на полското претседателство со ЕУ и на Еврокомисијата ќе дебатираат за „континуираното угнетување и лажните избори во Белорусија“, како и за политичките превирања во Грузија. Од оваа дебата предвидено е да произлезат две Предлог-резолуции – за Белорусија, за која европратениците би требало да се изјаснат в среда и за Грузија, која ќе се најде на гласање на следната редовна парламентарна сесија.
За утре се предвидени и расправи за медиумски извештаи дека унгарските разузнавачки служби шпионирале претставници на ЕУ кои истражувале измами во земјата, за хуманитарната криза во Судан и за состојбата во Венецуела, за што треба да биде усвоена и Предлог-резолуција во текот на заседанието в четврток.
Инаку, утре пратениците ќе треба да гласаат за усвојување на Договорот меѓу ЕУ и Србија за оперативни активности на Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита (Фронтекс) во земјата.
В средба претпладне заседанието ќе продолжи со дебата на европратениците со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен посветена на заклучоците од декемврискиот Самитот на ЕУ, пред се околу Украина и состојбите на Блискиот Исток.
За во продолжение е закажана централната расправа на овонеделното заседание, на која премиерот на Полска, Доналд Туск ќе ја претстави програмата на полското претседателство со Советот на ЕУ, по што ќе следи негова дебата со европратениците во која ќе учествува и Фон дер Лајен.
В среда попладне европратениците треба да дебатираат и за зајакнување на безбедноста и одбраната на ЕУ, за демографските предизвици на Унијата, за справување со загадувањето со пластика, за поврзаноста меѓу организираниот криминал и криумчарењето мигранти, за транспарентност во финансирањето на субјекти кои лобираат во европските институции, за состојбата со човековите права, демократијата и владеењето на правото во ДР Конго, Иран и Алжир, како и за засилување на меѓународните активности за заштита на китовите.
На последниот ден од овонеделното заседание, в четврток, Европарламентот ќе расправа за борбата против дезертификацијата и потребата за воведување глобални стандарди за криптовалутите, по што европратениците ќе гласаат за неколку документи, меѓу кои и за Предлог-резолуција за „руската манипулација со историјата и употребата на лажни наративи“ за оправдување на нејзината агресија врз Украина.