Во периодот од 1 до 17 јануари 2025 година во Уставниот суд се оформени пет предмети, по претходно поднесени четири иницијативи и едно барање за заштита на слободата и правата на граѓанин.

Првата иницијатива, како што информираат од Уставниот суд, е поднесена по електронска пошта на 8 јануари.

Оформен е предмет по иницијатива поднесена за член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојчани) и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија

-Со оспорениот став од членот 10 се предвидува на Стратешкиот партнер да му се дозволи да почне истражување и експлоатација на минерални суровини уште со чинот на поднесување на барањето за концесија од страна на Инвеститорот наведува подносителот. Тој смета дека одредбата е во спротивност со сите применливи регулативи за минерални суровини. Подносителот приложува пресуди, вешт наод и мислење со кој утврдува дека должниците го немаат комплетирано барањето за концесија за експлоатација, дека минирањата се изведени без целосна документација и без записници за извршените минирања, се наведува во иницијативата поднесена од адвокатот Жарко Стеваноски.

Од Судот информираат дека е оформен предмет во врска со пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 25 март 2022 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје донесена на 15 октомври 2024 година.

-Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации. Подносителот тврди дека двата суда, во постапките го дикриминирале и не му дозволиле да докаже дека преземањето на неговата фирма, фото-напонската централа и земјиште од 40 000m2 од закупец кој според него потоа станал сопственик, било овозможено на начин што судовите го третирале како странка со лоша имотна состојба и не му ги прифатиле ниту наводите, ниту сведоците за да ја докаже сопственоста, се наведува во соопштението од Судот.

Оформен е предмет по поднесена иницијатива за Одлука бр.23-241 од 25.01.1991 и Одлука бр.19-8426/1 од 26.12.2007 година. Подносителот, како што појаснуваат од Судот, наведува дека Одлуката немала еднаква правна применливост кон сите вработени во Армијата и дека нерамноправно бил лишен од одредени поволности кои ги добиле други вработени во АРМ.

Во Судот оформен е предмет и по иницијатива со која е оспорена Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичкото планирање за 2024 година со бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година и Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година- пречистен текст бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година.

Во иницијативата се наведува дека Програмата не е во согласност со законот, бидејќи Советот на Општина Карпош, донел Програма која претходно е запрена со Решение за запирање од страна на градоначалникот на Општина Карпош.

По поднесена иницијатива со која е оспорен член 55 став 2 од првиот пасус од Правилата за тргување на Македонската берза на хартии од вредност во Судот оформен е предмет.

-Подносителот наведува дека со воведување на вакво правило за тргување со акции на Македонската берза за хартии од вредност, спротивно на одредбите од Уставот, компаниите кои котираат на Македонската берза за хартии од вредност можат вештачки-непазарно да ја соборат цената на акциите до толку ниско ниво, што потоа со години акционерите не би можеле да ги постават своите акции за продажба и притоа слободно да ја определат цената по која сакаат да ги продадат акциите. Се наведува дека оваа практика на тргување со акции е воведена само за цената на обичните акции кои се тргуваат на официјалниот пазар и овие ценовни ограничувања не важат за ниту еден друг начин на тргување на Берзата. Во иницијативата се наведува дека оспорените делови се во спротивност со членот 30 од Уставот, односно на загарантираното право на сопственост, се наведува во иницијативата.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2025 22:11