Првите три недели од 2025 година се показател за промената во глобалната политика и влеговме во нова ера на сурова геостратешка конкуренција, каде имаме работа со сили со големина на континент, кои се ангажираат меѓу себе главно врз основа на интереси, истакна денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.

- Оваа нова динамика се повеќе ќе доминира во односите меѓу глобалните актери. Правилата за ангажман се менуваат. Можеби на некои во Европа не им се допаѓа оваа нова реалност, но ние мора да се справиме со неа. Нашите вредности не се менуваат. Но, за да ги одбраниме, мора да се променат некои работи, рече Фон дер Лајен.

Според неа, за да ги заштити своите интереси и вредности ЕУ мора да биде економски силна, па затоа следната недела Европската комисија ќе го претставиме новиот „Компас за конкурентност“, кој ќе постави три цели - затворање на јазот во иновациите меѓу Унијата и нејзините конкуренти, утврдување заеднички патоказ за декарбонизација и конкурентност и зајакнување на економска отпорност и безбедност на блокот.

Таа се осврна и на цените на енергенсите, кои, како што рече, во Европа се структурно повисоки отколку во САД или Кина и значително се разликуваат низ ЕУ.

- Затоа, мораме да ги намалиме, додека го завршиме постепеното исфрлање на руските фосилни горива... Мора да продолжиме да ги диверзифицираме нашите енергетски извори, да инвестираме во технологии за чиста енергија... и да мобилизираме поголем приватен капитал за да ги модернизираме нашите мрежи и инфраструктура, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека овие заложби ќе бидат дел од новиот Енергетски план, што Европската комисија ќе го претстави во февруари.

Фон дер Лајен оцени и дека ЕУ мора да ја зајакне својата економска отпорност и безбедност, во услови кога глобалните сили се борат за пристап до суровини и витални синџири на снабдување, за што е потребно зајакнување и проширување на партнерствата на Унијата ширум светот.

- Во последните години, склучивме повеќе од 35 нови договори со партнери ширум светот, токму за да обезбедиме пристап до суровини или чист водород и да диверзифицираме некои од нашите синџири за снабдување со чиста технологија, рече Фон дер Лајен.

Според неа, ваквиот нов ангажман ширум светот не е само економска неопходност, туку и порака и одговор на Европа на зголемената глобална конкуренција.

- Сакаме посилна соработка со сите кои се отворени за тоа, а ова секако ги вклучува нашите најблиски партнери. Мислам, се разбира, на САД. Ниту едни други економии во светот не е толку интегрирана како Европа и Америка, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека во односите со новата Американска администрација, ЕУ секогаш ќе ги има на ум оваа поврзаност и пријателствата, семејните врски, заедничка историја и култура од двете страни на Атлантикот.

- Нашиот прв приоритет ќе биде што поскоро да се ангажираме, да разговараме за заедничките интереси и да бидеме подготвени за преговарање. И кога ќе дојде време за преговарање, ќе бидеме прагматични во барањето заеднички јазик. Но, исто така, сакам да знаете дека ние секогаш ќе стоиме на нашите европски принципи, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2025 20:37