Судскиот совет денеска за нови судии во Апелациониот суд Битола ги избра судиите Билјана Белевска Пројковска за судија во кривичната област, и Ристо Сотиров, Дејан Крстанов и Александар Илиевски за судии за граѓанска област.

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски истакна дека на објавениот оглас за избор на еден судија за кривична област и тројца судии од граѓанската област формирана е Комисија за рангирање чиј претседател е Антоанета Димовска.

Судиката Димовска посочи дека согласно изготвената ранг листа од страна на Комисијата за судија од кривичната област се пријавиле пет кандидати, но во текот на постапката судиката Виолета Крстиноска од Ресен ја повлекла својата пријава за избор на апелационен судија.

Со 13 гласа „за“ за судија во Апелациониот суд Битола во кривичната област, избрана е прворангираната Биљана Белевска Пројковска со речиси 20-годишен стаж, од кои 14 години работела на предмети од кривичната област во Охридскиот Основен суд.

За изборот на тројца судии во Апелациониот суд Битола за граѓанска област, претседателот на Комисијата за рангирање судиката Антоанета Димовска информира дека биле пријавени пет кандидати. Прв на листата е судијата Ристо Сотиров (ОС Битола), втор е Дејан Крстанов (ОС Битола), трет е Кирил Јовановски (ОС Битола), четврти е Александар Илиевски (ОС Битола), и петта е Јасмина Шишковска Стојковиќ, која е судија и актуелен претседател на Основен суд во Прилеп. Судиката Димовска при тоа истакна дека судиката Шишковска Стојковиќ е на петото место, поради немање сертификат за познавање англиски јазик, иако е со најдолг стаж во граѓанската област и имала максимални поени по однос на усното изразување и за писмени одлуки.

При гласањето на Судскиот совет со 13 гласа „за“ беа избрани судиите Сотиров како прворангиран, Крстанов како второрангиран и со 11 гласа „за“ судијата Илиевски кој беше четврти на листата. Треторангираниот Кирил Јовановски не го доби потребното мнозинство за негов избор во Апелациониот суд Битола.

При образлагањето на нивното гласање за кандидатите членовите на Судскиот совет, меѓу другот беше истакната забелешката дека ќе треба да се работи на допрецизирање на правилниците за бодирањето, според кои се формира ранг листата на кандидатите, како и дека поседувањето сертификат за познавањето на англискиот јазик, како критериум треба да биде од секундарно значење кога се врши избор на судии. Исто така, беше посочено дека рангирањето за овој избор, било извршено согласно старата методологија, и дека од следниот избор ќе почне да се применува новиот правилник.

-Во поглед на начинот на бодување и рангирање повеќето од колегите изнесоа мислење дека тој не е добар. Некои измени се направени, во смисла на добивање бодови за јазикот. Имајќи го ова предвид како и фактот дека неспорно дека се многу блиску во поените сите кандидати кои ги имаме, сметам дека не е нарушување на принципот доколку се направи пермутација со едно место. Значи ние не го бираме 20-от на листата туку наредниот, поради тоа ми беше полесно да ја донесам одлуката за наредниот кандидат, рече претседателот на Судски совет Камбовски појаснувајќи ги причните за неговото галасање.

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми им честиташе на изборот на судиите во Апелациониот суд.

Дадена е пауза по што треба седницата треба да продолжи со наредните точки од дневниот ред.

Меѓу точките е утврдување престанок на судиската функција на судија поради исполнување на услови за старосна пензија, потоа разгледување на Извештај за проверка на навременост на пријавите и комплетност на документите по објавен оглас за избор на претседател на Основен суд Крушево и разгледување на известување од Комисија за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели на судови и Донесување на Одлука за објавување на оглас за избор на претседатели на Врховен суд на Република Северна Македонија, Апелационен суд Скопје, Основен суд Берово, Основен суд Делчево, Основен суд Охрид и Основен суд Радовиш.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2025 21:18