Со осум гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на седница ја утврди Предлог - одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Образложувајќи ја оваа точка на дневен ред, во своето обраќање претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓи Сајкоски рече дека согласно член 57 став 1 точка 2 од Законот за високо образование, директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование се грижи за спроведување на одлуките и решенијата на Одборот за акредитации и Одборот за евалуација, но и одговара за законитоста на работењето на Агенцијата во целост, вклучувајќи ги сите три органи - директорот, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација.

Тој напомена дека Министерството за образование и наука (МОН) има побарано од директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование да достави извештај со табеларен приказ на податоци од надлежност на Агенцијата за квалитет во високото образование, број и дата на доставено барање за акредитацијата на студентската година, број и дата на решение за акредитација на студиската програма и за кој циклус се однесува, за периодот од 2023 и 2024 година.

-Од податоците доставени од директорот, до МОН ниту едно решение не е објавено на страната на Агенцијата за квалитетот на високото образование, што е спротивно на член 145 од Законот за високо образование, согласно член 57 став 1 точка 6. Од извештајот на директорот доставен до Министерството се забележуваат пропусти во работењето на Агенцијата и истите конкретно се наведени во дописот од министерката за образование и наука. Извештајот со нотирани пропусти е испратен за постапување во надлежност на Комисијата за прашања на избори и именувања, имајќи го предвид членот 56 став 6 од Законот за високо образование, според кој директорот на Агенцијата за квалитет може да биде разрешен од Собранието пред истекот на мандатот поради нестручно и несовесно работење, рече Сајкоски.

По однос на оваа точка, во процедуралното обраќање, пратеникот Сали Мурати рече дека постои повреда на деловничките процедури и дека седницата е закажана без навремено доставување на материјалите.

-Седницата е закажана без навремено доставување на материјалите. Ние цел ден присуствуваме на разни комисии, дозволете да бидеме ценети како пратеници. Сметам дека најпрвин мора да се утврди презумција на невиност. Вие и верувате на министерката која е најмалку повикана да изведува докази и постапки, а исто така не е даден ниту временски период за наведените пропусти, рече Мурати.

Тој обвини дека по однос на оваа точка не се приложени конкретни докази, постојат недостатоци во доказната постапка, како и во хронологија на настаните. Има само, како што подвлече, „паушални наводи без конкретни докази“.

-Постојат недостатоци во доказната постапка, нема компаративна анализа на документацијата, не се приложени конкретни примери на недостатоците, имаме само паушални наводи без конкретни докази, недостаток на хронологија на настаните, отсуство на причинско последична врска. Осудувате без да се изјасни човекот. Дури и на најголемиот злосторник му е дадено правото да ги образложи своите тези, додаде Мурати.

Според Мурати, треба да се побараат дополнителни докази од Министерството за образование и наука како и конкретни примери од наводните неправилности, кои ги извршил директорот на Агенцијата.

Предлог-одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование поддржана од собраниската Комисија

Претседателот на Комисијата, Сајкоски, рече дека денеска само даваат предлог за разрешување на директорот, а ќе има пленарна седница, на која тој ќе биде повикан и ќе го даде своето образложение.

-Во образложението на Министерството за образование и наука децидно се наведени причините зошто тој треба да биде разрешен. Вие господине Мурати, не сте член на Комисијата, учествувате доброволно. Мислам дека итноста за разрешувањето е иницирана од општеството за високото образование, не е од оваа Комисијата или пак од Министерството, рече Сајкоски.

Тој му порача на пратеникот Мурати дека би сакал да слушне негово мислење на кое ниво е високото образование во државата.

-Гледајќи во каква ситуација се наоѓа високото образование, мора да се преземе нешто. Јас би сакал да слушнам ваше мислење, на кое ниво е високото образование, но вие во вашето обраќање зборувавте за процедурите, додаде Сајкоски.

Пратеничката Арбана Пашоли посочи дека не се навремено доставени материјалите по однос на оваа точка.

-Ние пратениците од опозицијата немаме електронски пристап до материјалите, а истите не се доставени ниту на албански јазик. Ние поради револт ќе ја напуштиме седницата. За следната седница треба да обезбедите материјали на време, а самите седници да се свикуваат според Деловникот, рече Пашоли.

Предлог-одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование поддржана од собраниската Комисија

Претседателот на Комисијата, Сајкоски, на ова напомена дека смета оти сите деловнички процедури се испочитувани.

Пратеникот Никола Мицевски во своето обраќање посочи дека одлуката за ставање на оваа точка на дневен ред доаѓа по доставување на извештајот од Министерството за образование и наука (МОН), потпишана од министерот, како лице кое го претставува самото Министерство.

-Се изнаслушавме разни небулози. Барате да биде присутен директорот на Агенција тука. Дали го имавме директорот присутен кога го поставивме, и дали тој имаше елаборација на својата програма за работа пред пратениците, за сега да дојде и да каже што сработел а што не? Одговорот е не. Знам точно на кој начин ја направија измената на директорот на оваа Агенција, рече Мицевски.

По однос на точката „Разно“, претседателот Сајковски посочи дека Комисијата ќе достави допис до коалицијата „Европскиот фронт“ согласно деловникот за работа на Собранието, да достави предлог за нов претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, откако Собранието на 20. Седница на 16 јануари оваа година ја констатираше оставката на Илире Даути од оваа функција.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2025 03:42