Четири кучиња кои биле користени за борба се пронајдени вчера во објект во гостиварското село Врапчиште. Три од кучињата, како што денеска соопшти Министерството за внатрешни работи, се од расата „питбул“ и едно од расата „доберман“.
Кучињата се пронајдени во објект, кој го користел 22-годишниот С.А., а е сопственост на 20-годишниот Ш.А. кој е надвор од државата.
- На 22.01.2025 во периодот од 20.30 до 20.55 часот, врз основа на судска наредба, полициски службеници од ОВР Гостивар, во содејство со полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за општ и насилен криминал извршиле претрес во простории кои ги користи С.А.(22) во с.Врапчиште, гостиварско, а се сопственост на Ш.А.(20) од с.Врапчиште, кој се наоѓа надвор од државата, поради основано сомнение за сторено кривично дело „мачење на животни“ по член 233 од Кривичниот законик, информира Министерството за внатрешни работи во денешниот билтен.
Со С.А. бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.