Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека ќе воспостави контакт со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун, што ја отвора можноста за обновување на нивната дипломатија пет години по првите разговори кои привлекоа глобално внимание, но малку придонесоа за намалување на нуклеарната закана од Пјонгјанг, пишува Њујорк Тајмс.
- Тој ме сакаше и добро се сложувавме, изјави Трамп за време на интервјуто со водителот на Фокс Њуз, Шон Ханити, додавајќи дека ќе се обиде да воспостави контакт со Ким во својот втор мандат. - Тој не е религиозен фанатик, туку паметен човек, оцени Трамп.
Ова е првпат Трамп јавно да покаже интерес за повторно отворање на дипломатските канали со Ким Џонг-ун откако ја презеде функцијата во понеделникот. Во својот прв мандат, Трамп и Ким одржаа историски самит, но нивната релација се распадна по неуспешните преговори во 2018 и 2019 година.
Не е јасно како Ким, кој е охрабрен од засилените врски со Русија и воените напредоци на својата земја, ќе реагира на новиот обид за преговори. Откако последен пат се сретнаа со Трамп, Северна Кореја значително ги подобри своите ракетни способности и, според аналитичарите, би можела да побара поголеми отстапки за да направи компромиси околу својата нуклеарна програма, пишува Њујорк Тајмс.
Трамп за време на својата кампања изрази почит кон Ким, изјавувајќи дека „е добро да се сложувате со некој кој поседува многу нуклеарно оружје“.
Јужнокорејските власти изразија загриженост дека враќањето на Трамп би можело повторно да го вовлече Корејскиот Полуостров во дипломатска неизвесност.
Во својата претходна комуникација, Трамп и Ким разменија лични навреди и закани, но потоа се состанаа трипати во периодот од 2018 до 2019 година. Сепак, разговорите завршија без договор за намалување на севернокорејските нуклеарни капацитети или укинување на санкциите кон земјата.
Во меѓувреме, Северна Кореја ги зајакна своите врски со Русија, помагајќи во војната во Украина со оружје и војници, а соработката со Кина продолжува да игра важна улога во спречувањето на американските притисоци врз режимот на Ким.
Севернокорејските власти засега молчат за новите изјави на Трамп, но се очекува Ким да одговори по внимателно разгледување на намерите на администрацијата на Трамп, наведува весникот од Њујорк.