Во тек е подготовка за објавување на јавна набавка за времена санација на мостот преку реката Вардар кај Башино Село на влезот во Велес, за избор на Изведувач, информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта.
Како што појаснуваат, критериумите за избор на Изведувач за времена санација на мостот преку реката Вардар кај Башино Село се изготвуваат врз основа на Техничкото решение добиено од Градежен Факултет.
Јавната набавка ќе се спроведе во отворена постапка со скратени рокови.
Инаку техничкото решение од страна на стручњаците од Градежниот факултет Скопје до ЈПДП беше доставено на 16 јануари годинава
Според нив, мостот треба да се санира за 60 до 90 дена. Најголем дел од санацијата ќе се одвива долу под мостот односно санација на носечките столбови и останатите столбови и зајакнување на арматурата на мостот.
Мостот на Вардар кај Башино Село е запрен за секаков вид на сообраќај од 4 јануари годинава. Од тогаш и целокупниот сообраќај се одвива низ градот. За тешките камиони над 7 тони со одлука на Советот на Општина Велес воведен е времен сообраќај.
Тие низ центарот на Велес може да поминуваат само од 22 часот ноќе до 6 часот наутро. За да се спречи хаосот во сообраќајот во градот, тој, постојано се регулира од сообраќајната полиција на СВР Велес, а особено наутро и напладне кога се оди на училиште и работа и кога граѓаните се враќаат од работа во таканаречените шпицови на денот.
Од 4 јануари мостот го користат само пешаците кои живеат во околината на мостот, тие ги оставаат своите возила од едната или другата страна на мостот, а потоа поминуваат пеш по него