Владата соопшти дека на денешната седница ги усвои двата договора за кредитната линија од 250 милиони евра наменета за бизнисот со што средствата, како што наведува, ќе станат оперативни. Ова, оценува Владата, ќе претставува позитивен импулс за компаниите зашто условите за заемот се исклучително поволни: рок на отплата до 15 години, 3 години грејс период и каматна стапка од 1,95 отсто.
На седницата е усвоена и Одлуката што се однесува на зајакнување на системот на јавните набавки како дел од Реформската агенда.
-Предвидени се повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии. Европската комисија повеќе години во извештаите за напредокот го критикува пречестото користење електронски аукции и тоа го посочува како битен недостаток во системот на јавните набавки. За таа цел Владата ја разгледа Информацијата за обврската за намалување на процентот на електронски аукции во јавните набавки во 2025 година да се намали до најмногу 40 отсто од бројот на објавените постапки и ги задолжи и им препорача на сите органи на државната управа да преземат мерки за намалување на бројот на електронски аукции во јавните набавки, информира владината портпаролка Марија Митева.
Во насока на владината постојана заложба за навремено постапување е и донесената Одлуката со која Владата го утврди и го доставува до Собранието полугодишниот законодавен преглед со предлози на закони и други акти по кои одлучува Собранието кој, согласно динамиката, вклучува 60 законски решенија произлезени од Програмата за работа на Владата.
-Транспарентноста и отчетноста се сржта на работата на нашата Влада, нашата примарна цел е да ве доближиме Вас до одлуките што ги носиме. На овој начин, точно знаете што прави вашата влада за да го подобри вашиот секојдневен живот. Ве охрабрувам да останете информирани за нашата работа и да ги споделите со нас вашите размислувања, бидејќи вашиот глас игра клучна улога во обликувањето на нашите политики, наведува Митева.