Европската Унија и Јордан денеска во Брисел потпишаа Договорот за стратешко и сеопфатно партнерство, кој има за цел да промовира одржлив раст на јорданската економија преку привлекување инвестиции во клучните сектори, вклучувајќи ја дигиталната технологија, зелената енергија, одржливиот туризам, рударството, фармацијата и производството на ѓубрива.

Договорот го потпишаа европската комесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица и јорданската министерка за планирање и меѓународна соработка Зеина Тукан во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и кралот на Јордан, Абдула Втори .

Во обраќањето на церемонијата, Фон дер Лајен истакна дека со ова партнерство, ЕУ и Јордан ги продлабочуваат долгогодишните врски и силно пријателство, со цел подобро да се соочат со заедничките предизвици и да ги унапредат заедничките вредности на мирот, демократијата и човековите права.

- Јордан е клучен партнер за Европа на Блискиот Исток и Медитеранот, кој служи како столб на регионалната стабилност. Јордан покажа огромна дарежливост со тоа што прими милиони бегалци и со сето срце е посветен на промовирање на мирот и безбедноста во регионот и во светот. Јордан игра клучна улога за консолидирање на примирјето во Газа и ЕУ ја признава важноста на Јордан како регионален центар за хуманитарна помош, рече Фон дер Лајен.

Според неа, во услови на актуелните геополитички поместувања и растечките кризи во регионот на Блискиот Исток, зајакнувањето на партнерството меѓу ЕУ и Јордан е вистинската одлука во вистинско време.

- Стратешкото и сеопфатно партнерство се фокусира на три главни цели: поддршка на стабилноста на Јордан, придонес на политичката, економската и административната визија за модернизација на кралот Абдула Втори и поттикнување на економската отпорност. Денеска, ЕУ ја покажува својата посветеност да го поддржи Јордан во справување со тековните геополитички предизвици, продолжување на реформите, што го поттикнуваат растот и општествениот напредок и за привлекување повеќе инвестиции за зајакнување на економијата, додаде Фон дер Лајен.

Се очекува договорот да даде поттик на трговијата и да го зголеми ангажманот на приватниот сектор и присуството на европските инвеститори во Јордан, како и да придонесе за зајакнување на контактите меѓу луѓето, за поголем ангажман на граѓанското општество и за позначајна вклученост на оваа блискоисточна земја во програмите на ЕУ.

За поддршка на овие цели, ЕУ подготви финансиски пакет за периодот 2025-2027 година, во вредност од три милијарди евра, од кои 640 милиони евра грантови, 1,4 милијарди евра инвестиции и една милијарда евра макрофинансиска помош.

Стратешкото и сеопфатно партнерство се надоврзува на Договорот за асоцијација и партнерски приоритети Јордан-ЕУ за периодот 2021-2027 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2025 14:45