„Знаете како, 2% доверба не е нешто што одеднаш се случува, напротив ова е резултат на многу години погрешни постапки, криминални дејанија во рамки на институциите коишто треба да се борат за владеење на правото, на правдата. Мене не ме изненадуваат реториките или изјавите од овие пет члена од Судскиот Совет, затоа што мислам дека тие не чувствуваат одговорност кон функцијата пратеник, туку напротив чувствуваат одговорност кон пратеникот што ги изгласал, а во тој случај тоа се СДС и ДУИ“ , прецизираше во своето излагање портпаролката на Влада и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Митева говореше за изгласаните интерпелации на петте члена на Судски совет, додавајќи дека членовите иако немаат кредибилитет да продолжат со извршување на функцијата, истите имаат чувство да служат на СДС и ДУИ коишто ги поставиле, за да го штитат криминалот и корупцијата.

„И затоа мислам дека не ја чувствуваат обврската на пратениците да им се согласат дека станува збор за нешто за коешто не само пратеникот, туку би кажала и целокупната македонска јавност многупати зборува и зборуваше, и бевме сведоци на состојби какви што не би требало да бидеме сведоци. По однос на онаа дебата којашто се отвори во рамки на Собранието, јас би кажала дека интерпелациите не се само собраниски механизам, туку тоа е една политичка одговорност којашто ние ја покажуваме наспроти сите ветувања коишто ги дадовме и во предизборието, но и многу претходно затоа што чувствуваме дека тоа е потребно на судството“ децидна е Митева.

Митева истакна дека затекнати се инсталации во Судски совет коишто и денес е тешко да се искоренат, додавајќи дека членовите немаат чувство ниту пред граѓаните коишто треба да служат, ниту кон оние кои ги избрале и поставиле да се борат против криминалот и корупцијата. Митева е децидна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на она што го ветила пред граѓаните, а тоа е да постои независно судство, борба со криминалот и корупцијата, и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

„Јавноста за жал уште еднаш е сведок на инсталации коишто се случуваат од страна на претходната власт, меѓутоа ќе покажаме одговорност, ќе покажеме стабилност, ќе покажеме сериозност. Секогаш сме биле посветени на она што сме го ветиле. Ќе продолжиме да размислуваме во насока дека навистина ни е потребно независно судство, борба со криминалот и корупцијата и да ја вратиме довербата на граѓаните во овие институции“ , заклучува Митева.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2025 01:41