Интензивно се реконструираат влезовите, односно пристапните улици во Клиничка болница-Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека по 60 години пациентите од Штип и целиот источен регион ќе имаат нормални услови за влегување до болницата.Тој истакна дека направен е и нов пристап до болницата, односно отворен е стариот влез, кој подолг временски период беше затворен за влез и излез и за пациентите и за болничките возила. Изграден е нов потпорен ѕид, којшто чини повеќе од 1,5 милиони денари.

-Овој нов пристап ќе служи за возилата на Итната медицинска помош, а во втората фаза веќе денеска се асфалтираат сите пристапни улици во рамки на Клиничка болница, за коишто се одвоени нешто повеќе од 2,5 милиони денари. Очекувам денес активностите да бидат завршени, вели Јорданов.

Тој додаде главен приоритет е доизградбата на новата Клиничка болница, а како Општина имаат обврска да изградат и реконструираат патната инфраструктура.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2025 05:34