Пораката од вчерашната реконструкција е двојна: обнова и акција, до завршување на нашиот мандат. Секако, да Ве потсетам дека нè очекуваат 25 месеци за да го направиме подобар животот на граѓаните, нешто што, ќе се постигне само со големи промени, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната прва седница на новиот владин состав, јави дописничката на МИА од Атина.

Владината седница што беше по вчерашната реконструкција траеше кусо, немаше конкретна агенда, а беше со цел Мицотакис, како што и самиот рече, да им даде првични корисни насоки на министрите и да сподели со нив „размислувања за новиот почеток“, посочи дека „Владата секогаш ја преферира цената на придвижување кон напредок, наместо цената на стагнацијата“, а мотото е „побрзо и похрабро“.

- Се стремиме кон најдобар резултат преку два пата: од една страна, организирајќи ја подобро координацијата на нашето секојдневно работење и од друга страна распределувајќи го, најдобро што можеме, потенцијалот на нашата партија. Сепак, да кажам уште еднаш, заложбите на Владата треба да се прават. И мислам дека по речиси шест години, тоа го очекуваат граѓаните од нас: конкретна, видлива работа во очите на граѓаните, порача Мицотакис.

На министрите, како што е пракса во изминатите години откако Нова демократија дојде на власт, им подели сини коверти со главните приоритети, за кои изрази желба лично тој да ги надгледува.

Конкретно се осврна на „промените што се случија само на три полиња“, односно на економијата, транспорт и инфраструктурата и миграцијата и поморската политика.

За економијата порача дека „треба да останеме посветени на патот ан фискалната конзистентност“, се осврна на вчерашната надградбата на грчката економија од Мудис со што рече дека „симболично се затвора еден многу долг циклус на оспорување на потенцијалот на грчката економија“ и нагласи дека Грција „продолжува да има една од највисоките стапки на раст во Европа“.

- Мислам дека целта на сите нас, но пред сè на економскиот кадар е овој колективен напредок да се пренесе во паричникот на секој граѓанин. Односно, да се преведе, многу едноставно, во подобри плати, помалку даноци, повеќе и подобри работни места. Овој фискален оптимизам треба да стане и општествен оптимизам, но ова уште еднаш ќе го нагласам, во никој случај да нема отстапување од нашите цели, рече Мицотакис.

Втора област во која направи промени е постави нов министер и заменик-министер е транспортот и инфраструктурата и нагласи дека како што по катастрофалните пожари во 2018 година во близина на Атина „трагичното искуство од Мати го претворивме во „112“ и модерен систем за цивилна заштита што спасува животи“, така сега „Грција треба да го победи стариот систем на железницата“, по железничката несреќа кај Темпи пред две години.

За Министерствата за миграција и поморство, каде што исто така направи промени, рече дека земјата успеа како европски приоритет да истакне уште едно прашање што многу ја засега Грција, а тоа враќањето на нелегалните имигранти кои немаат добиено азил.

- Ова е целокупната насока на Европа. Ова е политиката што сега сакаме да ја спроведеме во нашата земја. Предуслов за ова се нови мерки и соодветна и тешка законска подготовка. Паралелно, легалната, контролирана миграција треба да добие и пофункционална рамка, бидејќи добро знаеме дека недостигот на работна сила продолжува да постои и веројатно ќе се интензивира, не само во примарниот сектор, туку и во другите сектори на нашата економија, рече Мицотакис.

На министрите им посочи да бидат внимателни бидејќи „живееме во ера на лажни вести“ и е многу лесно да се извади од контекст секоја изјава или погрешно поставена формулација, па така, порача дека „најдоброто нешто што можеме да го направиме е вашите лични дела да зборуваат сами за себе“.

Претпладнево, новите министри и заменици-министри во грчката Влада положија свечена религиозна заклетва во Претседателската палата, по што следеше и владината седница, по која започна и примопредавање на функциите во Министерствата.

Грчкиот премиер вчера направи реконструкција на Владата и промени во неколку министерства, меѓу кои и оние за национална економија и финансии, за инфраструктура и транспорт, за животна средина и енергетика, миграција и азил, за социјална кохезија и семејство, поморство, цивилна заштита и климатски кризи, како и на неколку заменик-министерски места.

Непроменети на нивните позиции остануваат министрите за надворешни работи, за одбрана, за внатрешни работи, за заштита на граѓаните, за здравство, за правда, за култура, за развој, за поморство, за туризам, за дигитално управување.

Реконструкцијата на Владата е по масовните протести што пред две седмици се одржаа во Атина и низ цела Грција на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, како и по доставениот предлог од опозицијата за гласање на доверба на Владата, барање што не доби зелено светло од Парламентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2025 21:40