Во паркот во Драчево, изграден лани како симбол на пријателството меѓу Општина Кисела Вода и Република Унгарија, денеска свечено беше одбележан Националниот ден на Унгарците. Настанот се одржа во присуство на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, унгарскиот амбасадор Андраш Клеин, военото аташе на Унгарија, Надаш Ласло, претставници на Здружението на Унгарците во државава - „Теледом“, како и бројни граѓани и гости, информираат попладнево од локалната самоуправа.
- Токму тука, поставивме и биста на големиот унгарски поет и борец за слобода, Шандор Петефи. Тој не е само симбол на унгарската историја, туку и на сите народи што се стремеле кон слобода, правда и национална гордост. Неговите стихови и неговото дело инспирирале многумина, оставајќи неизбришлив белег во колективната меморија на Унгарија, но и во срцата на сите оние кои ги ценат вредностите на слободата и независноста. Неговото име и неговиот дух и денес нѐ инспирираат да ги чуваме и нашите култура, традиција и идентитет, изјавил Ѓорѓиевски.
Според него, со положувањето свежо цвеќе пред неговата биста, не само што му се оддава почит, туку се испраќа и силна порака дека пријателството меѓу нашата држава и Унгарија, меѓу Кисела Вода и унгарската заедница, не само што опстојува, туку и се продлабочува.
- Ова пријателство е градено низ годините, преку културни размени, заеднички проекти и активности што го збогатуваат животот на нашите граѓани, додал градоначалникот.
Тој истакнал дека локалната самоуправа ќе продолжи со поддршката на културните, образовните и историските проекти што ја зајакнуваат врската меѓу нашите народи. - Ова пријателство не е само симболично, тоа е жива врска што ја градиме со посветеност и искрена намера да ја пренесеме и на идните генерации, потенцирал Ѓорѓиевски.