Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија ќе и пружи брза, силна и сеопфатна помош на Македонија поради несреќата предизвикана од пожарот во дискотеката во Кочани. Рано утринава загинаа 59 лица, а 155 беа повредени.

Вучиќ рече дека Србија ќе ги стави на располагање сите полициски, воени и здравствени капацитети за да и помогне на Македонија.

– За вторник, претпоставувам дека веќе одлучивте на подготвителниот состанок да го направите ден на жалост, рече Вучиќ.

Тој изјави дека утрово разговарал со претседателката Гордана Силјановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски и изразил сочувство во име на Србија.

– И само би ги замолил Министерството за одбрана, Министерството за здравство и сите други министерства, затоа, денес да работат напорно, да немаат слободен ден, да помогнат на кој било начин трагедијата да биде помала. Ова е трагедија од неверојатни размери за целиот Балкан. За прекрасната, пријателска, братска Македонија над 60 мртви, рече Вучиќ.

Тој додаде дека прашање е уште колку луѓе нема да можат да го издржат нивото на повреди што го имаат во моментов.

– Значи, и Воено-медицинската академија во Белград и Клиничкиот центар во Ниш, сите хеликоптери што ги имаме, и воените и полициските. Златиборе (Лончар), сите здравствени капацитети што треба да ги ставиме на располагање на Македонија Овде треба да направи се за да им помогне на луѓето, на луѓето и на повредените во Македонија, нагласи Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2025 03:06