Лани во декември во земјите членки во ЕУ се поднесени 62.085 барања за азил од лица кои првпат аплицираат за меѓународна заштита, што претставува намалување за 17 отсто во споредба со ноември 2024 и за 20 проценти во однос на истиот месец во 2023 година.
Покрај ова, поднесени се и 6.560 апликации од лица кои веќе и претходно барале азил, но биле одбиени, што претставува намалување во однос на претходниот месец за шест отсто, но зголемување за 15 проценти споредено со декември 2023 година.
Меѓу барателите на азил лани во декември најбројни биле Сиријците со 8.345 апликации, пред Венецуелците со 6.345 и Авганистанците со 5.595 барања.
Гледано по земји, најмногу барања за азил добила Германија и тоа 12.175, пред Шпанија со 11.160, Франција со 11.085 и Италија со 9.715 апликации. На овие четири земји отпаѓаат 71 отсто од барањата за азил поднесени во ЕУ лани во декември.
Споредено, пак, според населението на секоја земја на ЕУ, највисока стапка на барања од 61,7 на 100 илјади жители примила Грција, пред со Луксембург 36,5 и Белгија со 25,6 на 100 илјади жители.
Меѓу подносителите на барања за азил во ЕУ во декември 2024 година имало и 2.500 малолетници без придружба, меѓу кои 635 од Сирија, 540 од Египет и 295 од Авганистан. Најголем број апликации на малолетни лица без придружба примила Германија и тоа 685, по што следуваат Грција со 605 и Шпанија со 265.
Од вкупниот број од 199.975 поднесени барања на азил во четвртиот квартал од 2024 година, земјите членки на ЕУ позитивно одговориле на 99.380, што претставува раст за 10 отсто во споредна со претходното тримесечје.
Од нив, 28.050 се стекнале со азилантски статус во Германија, 22.740 во Шпанија, 14.845 во Франција и 9.595 во Грција. Меѓу новите азиланти во ЕУ, 24.320 се Сиријците , 14.535 Авганистанци и 12.475 Венецуелци.