Средношколците од СОУ „Ѓорче Петров“ - Крива Паланка, членови на Советот на млади и граѓани на Општина Крива Паланка денеска точно на пладне запалија свеќи и оставаа цвеќе на плоштадот пред Општината, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Кочани.
- Длабоко сме трогнати, погодени до дното на душата од она што се случи. Иако се уште не сакаме ниту да поверуваме дека е вистина, иако не познававме лично ниту еден од загинатите или повредените, ние сме толку погодени, како да се тоа наши најблиски другари или роднини. Верувајте, скршени сме од болка и ова е тага што ќе ја носиме низ животот како потсетување - никогаш да не се повтори, рече Михаела Јанковска, претседател на Совет на млади - Крива Паланка.
Иницијативата за искажување сочувство за прерано згаснатите млади животи во трагичниот настан во Кочани беше на Советот на млади –Крива Паланка, во соработка со училишната заедница на гимназијата и Општина Крива Паланка.
И овие млади и граѓаните на Крива Паланка изразуваат сочувство до семејствата и блиските на загинатите, упатувајќи молитви за здравје и брзо заздравување на повредените.