По пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, а повеќе од 150 се повредени, агенцијата Асошиејтед прес ги објави најголмите пожари во ноќни клубови во последните 25 години кои доведоа до значителен број на жртви:
Април 2024: Пожар во ноќниот клуб „Маскарада“ во Истанбул, Турција, ги зароби работниците и вработените додека местото беше затворено за реновирање, оставајќи 29 мртви. Се наоѓаше на приземје и подрум во станбена зграда од 16 ката.
Октомври 2023 година: Пожарот што започна во ноќен клуб во југоисточниот шпански град Мурсија и се прошири во два други клуба остави 13 мртви.
Јануари 2022 година: Изгоре ноќен клуб во Соронг, во провинцијата Западна Папуа во Индонезија, откако две групи меѓусебно се нападнаа во зградата. Во трагедијата загинаа 19 лица.
Јануари 2022 година: Пожарот во ноќниот клуб Лив Јауба во Јаунде, главниот град на Камерун, предизвика експлозии во кои загинаа 17 луѓе. Владата истакна дека огнометот го запалил покривот и огнот потоа се проширил на местата каде што се складирало гас за готвење.
Декември 2016: Триесет и шест лица загинаа во пожар во магацин во Оукленд, Калифорнија, кој беше претворен во резиденција и простор за настани за уметници наречен „Брод на духови“. Пожарот, кој избувна за време на забава со електронска музика и танц, се рашири толку брзо што жртвите останаа заробени на нелегално изградениот втор кат.
Октомври 2015: Пожарот што избувна за време на пиротехничко шоу на рок бенд во ноќниот клуб Колектив во романскиот главен град Букурешт, уби 64 луѓе, а околу 190 беа повредени.
Јануари 2013: Во пожар загинаа повеќе од 200 луѓе во ноќниот клуб Kiss во градот Санта Марија во јужен Бразил. Истражувачите рекоа дека пената за звучна изолација на таванот се запалила и испуштила отровни гасови кои брзо ги убиле оние кои присуствувале на забавта.
Декември 2009: Околу 152 лица загинаа кога избувна пожар во ноќниот клуб Lame Horse во Перм, Русија. Се започна кога огномет во затворен простор запали пластичен таван украсен со гранки.
Јануари 2009 година:Огномет во затворен простор по новогодишно одбројување предизвика пожар во клубот Сантика во Бангкок, Тајланд, при што загинаа 67 луѓе, а многу други беа повредени. Жртвите починале од изгореници, вдишување чад и од згмечување.
Септември 2008: Во пожар загинаа 44 луѓе во ноќениот клуб „Кралот на танчерите“ во Шенжен, Кина, кога избувна пожар откако огномет го запали таванот.
Декември 2004: Во Буенос Аирес, Аргентина, пожар уби 194 луѓе во преполниот клуб Кромањон Република откако пламен запали таванска пена. Сопственикот на клубот Омар Чабан е осуден на 20 години затвор за предизвикување на смртоносниот пожар и за поткуп. Други добија полесни казни.
Февруари 2003: Во пожар во ноќниот клуб „Станица“ во Западен Ворвик, Род Ајленд, САД, загинаа 100 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. Огнометот што го користеше бендот запали запалива пена внатре во клубот. Декември 2000 година: Во декември 2000 година во пожар за кој се велеше дека избувнал поради несреќа при заварување загинаа 309 лица во дискотека во кинескиот град Луојанг.