Бројката на хоспитализирани лица со изгореници од пожарот во дискотеката во Кочани надминува 160 - 170 заедно со 16-те примени во приватните болници. Во најкус рок, за 24 часа, сите се згрижени и кон сите е постапено соодветно, а над 70 пациенти се успешно транспортирани надвор од земјава. Со оглед дека се исполнети капацитетите во соседството, од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија. Лекарски тимови од Чешка и Израел им помагаат на нашите лекари, додека тим од Британија денеска ќе пристигне во земјава за да помогне во подготвување на следната фаза - рехабилитација на повредените, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој ја посети ГОБ „8 Септември“ заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

Според Клековски, сите пациенти се живи и тоа, како што напомена, е голем успех, а критичните се испратени во специјализирани центри во странство.

-Ги уверувам членовите на семејствата дека сите пациенти, до последен, се мобилизирани и се прават максимални напори за нивно лекување. Нема ниту еден критичен пациент да не е згрижен во институција за изгореници, а Владата овозможи родителите да бидат со нивните деца, потенцира Клековски, додавајќи дека ова не е битка од 72 часа, туку ќе трае со недели и месеци.

Директорот на Фондот подвлече и дека податоци за пациентите нема да се соопштуваат лично.

-Медиумите да не очекуваат информации за тоа кој пациент во каква состојба е, странските болници инсистираат комуникацијата да биде преку Министерството за здравство, рече Клековски.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ Синиша Стојаноски информира дека засега нема критични пациенти, сите се во стабилна состојба. Повеќето имаат изгореници од втор и трет степен, најмногу на главата и дланките. Други повреди се од вдишување врел воздух и издувни гасови, како и трауматски набиеници и скршеници.

-Болницата максимално се гиржи за сите пациенти и за оние што потенцијално ќе бидат упатени тука, тимот безрезервно се вложува. Протоколите се запазуваат максимално, изгорениците се отворени рани и се внимава да не дојде до потенцијални инфекции, изјави Стопјаноски.

Прмеиерот Мицкоски апелира секој што бил во периметарот на ужасниот настан да се јави на доктор, независно дали чувствува проблеми или не.

-Како Влада правиме се што можеме за да спасиме човечки животи. Голем дел, повеќе од 70, 80 пациенти се надвор од државата. Денеска и министерот за надворешни работи и надворешна трговија и министерот за здравство се во Солун и од таму одат во Софија да ги посетат дел од згрижените пациенти. За час и половина имаме седница на Владата, ќе ја потврдиме одлуката да ги покриеме трошоците на двајца членови од семејството за да појдат онаму каде што се згрижени пациентите и превоз и сместување, потенцира Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2025 18:14