Судот во Кина осуди на смрт поранешен истражувач на висока технологија поради продажба на доверливи информации кои се државна тајна, соопшти кинеското Министерство за државна безбедност.
Според соопштението објавено од одделот, обвинетиот, исто така е доживотно лишен од политички права.
-Органите на државната безбедност открија и добија детални информации за контактите на граѓанинот Лиу со странски разузнавачки служби и го уапсија во согласност со законот, нагласуваат од Министерството.
Човекот работел како помошник инженер во истражувачки институт. Според него, на работа бил неправедно третиран, неценет и неунапреден, се вели во информацијата. Поради тоа решил да си замине, а пред тоа тајно копирал и чувал голем број доверливи информации со кои работел.
Човекот почнал да тргува на берзата, но изгубил многу пари и отишол во сериозни долгови. Под огромен економски притисок, поранешниот истражувач одлучил да ги продаде доверливите информации на странска разузнавачка агенција, објави Министерството. Потоа, „тајно патувал во многу земји и открил сериозни државни тајни“, соопшти Министерството.