Повторното судење за смртта на Теодора Ристовска која во 2022 година на 22 години го загуби животот во сообраќајна несреќа треба да почне во четврток 27 март, откако еднаш се одложи на првичното закажаното рочиште на 4 март. Тогаш судијата Елведин Ферати го одложи процесот поради отсуство на обвинетиот Менсур Пајазити.
Сестрите и родителите на Теодора велат дека секое одложување за нив претставува болка и разочарување.
-Ова не е првпат судскиот процес да се одолжува, што отвора сомнеж – дали гледаме злоупотреба на системот за одложување на правдата? Колку време треба да помине за да добиеме правда? Уште колку треба да чекаме, додека оној кој ѝ го одзеде животот на мојата сестра седи на слобода. Теодора заслужува правда, нејзиниот живот не смее да биде згаснат без последици. Ова не е само наша битка – ова е битка за секој кој верува дека правдата не смее да биде одолговлекувана до заборав. Барем малку ќе ни ја ублажат болката на мене и на моето семејство, вели Ева Ристовска, сестра на Теодора.
На 27 март во 11:30 часот треба да почне судењето во Основен суд Тетово. По сообраќајната несреќа во август 2022 година, првото судење почна скоро една година подоцна во јули 2023, а во ноември 2023 по признавање на вина на возачот, бил осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење