Голем број Македонци од округот Корча присуствувале на Светата Божествена Литургија во црквата "Воскресение Христово" во Корча, прва одржана од новиот поглавар на албанската црква г. Јован.

Меѓу нив бил и свештеникот од Пустец Алексо Темелко и Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

-Особено задоволство беше, заедно со отец Темелко и голем број Македонци, да присуствувам на литургијата во црквата „Воскресение Христово“ во Корча, на првата литургија како Архиепископ на Неговото Блаженство, Јован, избраниот архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија. Бакнувајќи му рака му посакав успех во неговата нова должност, објави Стерјовски на Фејсбук.

Поглаварот г.Јован 27 години беше прв човек на митрополијата во Корча и со претставниците на партијата имаа добри односи, соработка и меѓусебна почит, што ја негуваше и кон сите Македонци.

-Архиепископ Јован даде исклучителен придонес како Митрополит на Корча за православната вера, за македонската заедница во областа на Корча и за почитувањето на богослужбата на македонски јазик во Корчанската митрополија. Историски и духовен момент што не се заборава, напиша Стерјовски.

Под закрила на Митрополијата во Корча е и областа Мала Преспа, населена со Македонци, кои во голем број ги има и во Корча и други населени места во овој округ.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2025 00:20