Мора да се реагира мудро и навремено – порача претседателот на МАНУ Живко Попов во експозето на Редовното годишно собрание на Академијата, осврнувајќи се на надворешната политика на земјава и нејзиното позиционирање во новата политичка констелација во светот.

Посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државава е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е „многу позитивно и не треба да се пренебрегне“ тоа што има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.

-Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред се Европејци, а исто така и Европската Унија е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западниот Балкан и затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет кој не смееме да го пропуштиме. ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности, рече претседателот на МАНУ.

Додаде дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на скоро сите околни соседни држави“.

-Сега ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи и покрај евроскептицизмот кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ и честата дисонантност на Брисел и поедини европски престолнини, при што наспроти повеќедецениските подготовки и болни реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден во ден, од час во час. Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено да чува и одредена неутралност, од неа секако дека не зависат работите. Сметам дека премногу направивме, премногу жртвувавме и повеќе од тоа губи секаква смисла евроатлантскиот процес, истакна Попов во експозето.

Во однос на спорот со нашите соседи со кои, рече, „со векови живееме едни до други, со или без граница“,смета дека е одличен предлогот за одложено дејство на уставни измени што, како што рече, „претставува солидна основа за компромис“.

-Контактите на научниците од двете страни, повторното воспоставување на научни проекти, соработката во културата, инфраструктурното поврзување и честите контакти и разговори на сите нивоа, се разбира со запазување на нашето национално достоинство, би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите од двете страни заради изнаоѓање на компромис, додаде претседателот на МАНУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2025 14:30