Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и неговата сопруга Уша денеска патуваат за Гренланд, потег што поттикна дипломатски тензии, јави ДПА.

Посетата доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да изразува интерес за ставање на арктичкиот остров богат со ресурси под контрола на САД, потег што се соочи со силен отпор од гренландските лидери.

Сопружниците Венс ќе ја посетат американската вселенска база Питуфик, на северозападниот брег на Гренланд, која обезбедува ракетно предупредување, ракетна одбрана и вселенски надзор. Тие ќе се сретнат и со американскиот воен персонал стациониран на островот.

Уша Венс првично планираше да патува без нејзиниот сопруг, да присуствува на популарната годишна трка со санки со кучиња и да го посети главниот град Нук, заедно со други културни активности.

Но, американскиот потпретседател Венс во вторникот соопшти дека ќе ја придружува, велејќи дека има за цел да ја процени безбедносната ситуација во регионот.

Патувањето исто така беше намалено на еден ден, а откажано е присуството на трката со санки за кучиња.

Плановите за патување предизвикаа загриженост кај владата на Гренланд, која нагласи дека не била упатена покана до американска делегација.

Гренланд, главно автономна територија на Данска, е најголемиот остров во светот и стратешки важен поради неговата локација на Арктикот, како и неговите суровини. Покрај тоа, низ регионот поминуваат важни бродски рути.

- За време на Втората светска војна, САД основаа над десетина воени бази на Гренланд за да го одбранат Северниот Атлантик од нацистички упад. За време на Студената војна, САД посветија дополнителни ресурси на Гренланд за одбрана од советски ракетни напади, се вели што неделава го објави кабинетот на Венс.

- Во децениите оттогаш, занемарувањето и неактивноста на данските лидери и минатите американски администрации им дадоа на нашите противници можност да ги унапредат сопствените приоритети на Гренланд и на Арктикот. Претседателот Трамп со право го менува курсот, додаде тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2025 12:29