БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, прекршок, кој според Министерството за животна средина и просторно планирање е од трета категорија.
-По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24 март годинава од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од МЖСПП.
Од Министерството појаснуваат дека според известување од страна на БУЛМАК, на 14 март во период од 06:30 до 07:00 часот се случил инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. БУЛМАК известил дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата.
-Со потпишување на записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина. Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180-000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице, велат од Министерството.
Министерот Изет Меџити, додаваат, испратил јасна порака дека нема толеранција за загадувачите.
-Законот мора да се почитува. Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани, рекол министерот Меџити.
Министерството за животна средина и просторно планирање, потенцираат оттаму, е целосно посветена за заштита на природните ресурси и подобрување на механизмите за следење и контрола.