Воената хунта во Мјанмар повика на итна меѓународна помош по силниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтеровата скала, што ја погоди земјата денеска, при што властите прогласија вонредна состојба во шест региони поради обемот на штетите. Епицентарот бил во близина на градот Мандалеј, на длабочина од 10 километри.
Неколку минути подоцна следел уште еден силен потрес од 6,4 степени според Рихтер, објави Американскиот геолошки институт.
Водачот на Хунтата, Мин Аунг Хлаинг, ја посети болницата во главниот град Нејпидо, каде се наоѓаат многу повредени, јавија светските агенции.
„Сакаме меѓународната заедница да обезбеди хуманитарна помош што е можно поскоро“, изјави портпаролот на хунтата Зав Мин Тун.
Властите не го објавија бројот на жртвите, но фактот дека воената власт, изолирана по државниот удар во февруари 2021 година, апелира за помош, сугерира дека ова може да биде катастрофа од големи размери
Потресите биле почувствувани дури до главниот град на Тајланд, Бангкок, на околу 1.000 километри.
Вонредната состојба се однесува на најтешко погодените региони: Сагаинг, Мандалеј, Магвеј, потоа североисточниот дел на Шан, Нејпидо и Баго, се вели во соопштението за печатот. Зав Мин Тун рече дека е потребно да се дарува крв за повредените во Мандалај, Нејпидо и Сагаинг.
Откако беше прогласена вонредна состојба во неколку региони, војската на Мјанмар на апликацијата за пораки Телеграм наведе дека „државата брзо ќе спроведе спасувачки операции со обезбедување хуманитарна помош“.