Трета децанија Србија е во депопулација - намалување на бројот на жители, каде доминира негативниот природен прираст, се нагласува во студијата објавена денеска на Републичкиот завод за статистика (РЗС) „Населението на Србија - динамика и структури, 2022 година“, јави дописникот на МИА од Белград.

Намалувањето на вкупното население во земјата од 8,0 отсто меѓу последните два пописи е значително регионално нерамномерно, со најнеповолни движења во источните и јужните делови на државата. Сепак, градот Белград се уште не се соочил со пад на населението поради позитивниот биланс на внатрешната миграција, додека емигрирањето е најизразено во северна Војводина.

Во Србија има големо намалување на бројот на жени во репродуктивна возраст, што, како што посочуваат од РЗС, ќе има директно влијание врз идните демографски процеси.

Драматичен пресврт има и во родовиот јаз во образованието - постарите генерации имаат повеќе образовани мажи, додека кај помладите генерации жените во просек достигнуваат повисоки нивоа на образование.

Од 10 општини со најдобри образовни резултати, осум се од центарот на Белград, додека руралните општини на исток и југоисток се меѓу најлошите.

Бројот на домаќинства е зголемен, но просечниот број на членови на домаќинствата се намалува, па во 2022 година, кога е спроведен последниот попис, тој изнесувал 2,6.

Забележливо е зголемување на уделот на домаќинствата со едно лице, кои сочинуваат една третина од сите домаќинства во Србија.

Експертите од РЗС укажуваат дека има се помалку семејства на брачни парови, со и без деца, додека семејствата на невенчани парови и семејства со самохрани родители се во пораст.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2025 02:55