Не знам што би правеле на лидерска средба кога институциите беспрекорно работат, тоа би било само губење време, рече денеска претседателот на Алијанса за Албанците (АА) и министер за здравство, Арбен Таравари во врска со предлогот на претседателот на СДСМ Венко Филипче.
-Ние сме заинтерсирани да се решат проблемите што ги имаме како институции, неуморно работиме секојдневно и тоа би било само губење време. Сметаме дека постојат институции што функционираат, дека не е моментот и не знам што би правеле на лидерска кога институциите беспрекорно работат и за здравјето на овие луѓе и за третманот, но и за да се најдат виновниците на овој случај, како и на останатите со оглед дека ова е четврти случај за пет години, истакна Таравари, одговорајќи на новинарски прашања откако претходно на прес-конференција информираше за состојбата на хоспитализираните по трагедијата во Кочани.
Коалиција „Вреди“ и вчера излезе со став, дека Филипче нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.
Филипче завчера на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии.