По повод Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот, во младинскиот центар „Матично“ во општина Центар беше поставена изложбата „Моите херои“, на младата и талентирана авторка - Јана Иванова, ученичка во четврто одделение во ООУ „Димитар Миладинов“. Оваа изложба не само што ја истакнува дарбата на Јана, туку претставува и силна порака за важноста на инклузивниот пристап во општеството, се наведува во денешното соопштение на Општина Центар.
Оттаму истакнуваат дека активно се залагаат за создавање средина, каде сите деца ќе имаат можност да го изразат својот талент и да добијат соодветна поддршка.
Според градоначалникот Горан Герасимовски, изложбата ја нагласува важноста на заедничките напори што ги правиме сите заедно - семејствата, училиштата и општината. Тој смета дека талентот на Јана е инспирација да се остане фокусиран на инклузивноста и поддршката за сите деца.
- Ангажирањето на личните асистенти во образовниот процес е проект на што сме особено горди, а тука се сензорните соби во основните училишта, пристапната инфраструктура што постојано ја доградуваме. Ги покануваме сите граѓани да ја посетат изложбата, што ќе биде отворена до 30 април, секој работен ден од 10 до 16 часот и да дадат поддршка на оваа исклучителна млада уметница, се нагласува во писмената изјава на Герасимовски.
За реализацијата на овој настан придонеле и „Комерцијална банка“, „Еуро-фарм“, „Стокомак“, „Авицена - дијагностика“ и „Алкалоид“.