Италијанецот Андреа Берта пред неколку дена ја презеде функцијата нов спортски директор на Арсенал, а сега веќе подготвува голема летна трансфер бомба.
Имено, денеска новинарот на „Фут Меркато“, Санти Ауна објави дека Берта одржал состанок со агентот на Нико Вилијамс, фудбалерот на Атлетик Билбао кој ги воодушеви сите со настапите на Европското првенство минатото лето.
Вилијамс уште тогаш беше на мета на бројни големи имиња на Стариот континент, но тој реши да остане во Билбао за да се обиде со својот брат Инаки да им ја донесе на Баскијците титулата во Лига Европа, бидејќи финалето на ова натпреварување се игра на Сан Мамес.
Вилијамс оваа сезона има 38 настапи за Билбао, 9 гола и 7 асистенции, а пазарната вредност на овој 22-годишен фудбалер се проценува на 70 милиони евра.
Јасно е дека следното лето е вистинско време за трансфер на левото крило, а Арсенал сега важи за прв фаворит за неговиот потпис.
За потсетување, Вилијамс летово беше европски првак со Шпанија и импресионираше со настапите за време на ЕП. Неговиот договор со Билбао го обврзува до летото 2027 година.