Претставниците на Компанијата „Булмак 2016“ на денешната прес конференција кажаа дека техничкиот проблем што настанал во рудникот Тораница не предизвикал загадување на Крива река, реагирале согласно протоколите, а испитувањата покажале дека нивото на цијанид е пониско од граничните вредности. Претставниците од компанијата ги повикаа надлежните институции да откријат што предизвикало заматување на Крива Река и да не се шири паника помеѓу граѓаните.
- Ние сме сигурни, сакаме да ја увериме целата македонска јавност, дека можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени после добиените резултати од лабораторијата и сите чекори кои ги презедовме како компанија која што има А интегрирана еколошка дозвола дека поставиме целосно согласно законските прописи, согласно чекорите предвидени со дозволата дека причината за заматување, загадување или каква било друга последица не е компанијата „Буламак“, односно рудникот Тораница, рече на прес конференцијата директорот на „Булмак“ Тони Тоневски.
Од компанијата кажаа дека настанал технички проблем дефектот на цевководот, пукање на цевка која ја носи јамската вода кон флотацијата на рудникот. Компанијата презела мерки, го известила Државниот инспекторат за животна средина, го сопреле протокот на јамската водата и го санирале дефектот. Од рудникот кажаа дека истекувањето било до 7 часот, а заматувањето на водата во Крива река било од 11 до попладневните часови. Земените примероци биле испитани во акредитираната лабораторија. Добиените наоди од анализата како што кажа на прес конференцијата инженерот за екологија во компанијата, Љупчо Георгиевски покажале дека нивото на на цијанид е пониско од граничните вредности за води од трета класа како што е Тораничка Река, која се наоѓа непосредно до рудникот. Примерокот бил земен пред мешање на Тораничка со Крива река. По истекувањето пристигнале инспекторите кои направиле увид, записник, и ја задолжиле да направи проценка за евентуално направена еколошка штета, по што на 26 март пак биле земени примероци и од Крива река и од јамските води кои истекле од цевката.
-Тораничка река е трета категорија на вода, заклучено е дека има надминување на концентрација на олово, заклучено е дека не е сериозно за трета е 30 микрограми на литар, добиени се 52 микрограми. Ова е рударско подрачје, ова е рударско подрачје. Цијанидот е под десет микрограми на литар, лабораториски методи не можат да детектираат цијаниди под 10 микрограми на литар. Тораничка е дозволено да има 100 микрограми. Вторите анализи покажуваат дека сите резултати задоволуваат втора категорија на води. Анализата на јамските води задоволува трета класа на води. Од анализите се покажува дека нема загадување ан водотеците, рече Георгиевски.
Тој дополни дека во водата за пиење согласно стандарди дозволено е да има 50 микрограми цијанид во литар, потенцирајќи дека брзо се распаѓаат. Од компанијата посочија дека ги почитувале законските прописи при технички проблем, при што истекувањето не било повеќе од половина час и според нивни проценки имало истекување од 300 до 500 кубни метри, нагласувајќи дека заматувањето не може да трае до попладневните часови колку што била матна Крива Река.
- Матната вода и заматувањето во Крива река се случува околу 11 часот, после четири часа и логично би било заматувањето да трае колку што има истек од нашата вода тоа половина час. Водата во крива Река е матна дури до 18 часот. Сакам да ги повикам надлежните институции да го најадат причинителот за заматувањето. Не би сакал да ги коментирам обвинувањата на градоначалникот, сакам повторно и него и останатите да ги замолам да не шират дезинформации и да ги плашат граѓаните со цијанид, изјави Тоневски.
Во однос на мострите од компанијата кажаа дека веднаш ги зеле мострите за да бидат релевантни анализите и кажаа дека не ги знаат резултатите од инспекторите посочувајќи дека повторно имале инспектори. Од компанијата посочија дека биле сигурни дека нема цијанид зашто во техничката вода никогаш и немало, но дека почекале со прес конференцијата бидејќи ги чекале резултатите од лабораторијата.
- Според мене, градоначалникот можеби си прави некаква политичка промоција, не би навлегувал во тоа, мислам дека му е погрешна стратегијата и не требаше да ги плаши граѓаните со бомбастични или драматични прес конференции, рече Тоневски.
На прес конференцијата директорот на рудникот Антонио Антовски покажа снимки од видео камерите од истекувањето на водата.Тоневски одговарајќи на новинарски прашања дека нема причина да биде повикан на разговор во обвинителството. Во однос на казната, од компанијата кажаа дека ќе одат на спогодување со Министерството за животна средина, додавајќи дека немаат решение за казна. Постапката предвидува по правењето на записникот да се однесе решение и се оди во постапка за спогодување каде што посебна Комисија од животна средина ги повикува инспекторите и која врз основа на фактите од инспекторот и од компанијата се одлучува колкава и дали воопшто ќе има казна. Во однос на инспекторите кои извршиле увид, кажа дека едниот инспектор работел во компанијата до јануари 2022, сопругата на вториот инспектор работела краток период во 2018.