Кои се предизвиците со кои се соочува Агенцијата за национална безбедност? Зошто Агенцијата врши безбедносни проверки на определени категории на лица? Кои методи ги користи Агенцијата за собирање на податоци и информации? Кој врши контрола и надзор врз работењето на Агенцијата? Каква е соработката со Агенцијата за разузнавање и дали двете агенции треба да се спојат во една? Како ја оценува досегашната соработка со странските безбедносно-разузнавачки служби? Кои се општите и посебните услови за засновање на работен однос во Агенцијата и дали се спроведува полиграфско тестирање врз вработените? Ова се само дел од темите кои беа дискутирани во рамките на денешниот настан „Академско кафе“ помеѓу студентите и вработените на Факултетот за безбедност - Скопје и м-р Бојан Христовски, директор на Агенцијата за национална безбедност.
Академското кафе го отворија проф. д-р Катерина Крстевска Савовска - продекан за настава, и Михаела Менчова - студент и заменик студентски правобранител, а на присутните им се обратија и проф. д-р Јонче Ивановски - декан, и проф. д-р Марјан Николовски - раководител на Катедрата за безбедност и приватна безбедност.
Овој настан, беше искористен и за потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете институции, со што се потврди заедничкиот интерес за меѓусебна соработка и поддршка во организирање и спроведување на научно-истражувачки, фундаментални и применети проекти, анализи и евалуации од областа на безбедноста, поврзани со примена на најнови научно фундирани истражувања од страна на Факултетот кои може да се применат при спроведување на обука на припадниците на Агенцијата, како и усовршување на кадри, размена на искуства, знаења и едукација. Согласно Меморандумот, соработката ќе се одвива во повеќе области меѓу кои организирање на настани од интерес на двете институции, изработка на правна регулатива од областа на безбедноста, практична настава на студентите од Факултетот во Агенцијата, стипендирање и доделување на школарини за стручно усовршување на припадници на Агенцијата, како и профилирање на кадар од редовите на студентите за потребите на Агенцијата.
На самиот крај од Академското кафе, директорот м-р Христовски ги поучи студентите да бидат посветени на студиите, континуирано да го надградуваат своето знаење и да бидат упорни во остварување на целите кои ги зацртале.