Семејството на младиот Миле Тодоров од Неготино, кој е исчезнат два месеца, испрати дописи до Владата и до министерствата за внатрешни и за надворешни работи и одбрана. Замолуваат за помош во комуникацијата со партнерските и сојузничките пријателски држави, кои располагаат со сателитски капацитети со цел да се добијат сателитски снимки за пронаоѓање можни траги за исчезнување.

Во дописите се наведени и локацијата и временскиот интервал на исчезнувањето на младиот неготинец. Целта е, како што пишува во дописите, а потврдија за МИА и од семејството на Тодоров, побрзо разрешување на ситуацијата.

- Екстракција на специфични временски рамки за да се забележат потенцијални движечки објекти како возила со нивните регистарски таблички и лица со специфични обележја, како и други траги од бараното лице. Доколку е можно, спроведување на анализа за распознавање на лица и возила во наведената временска рамка. Ве молиме да ја искористите вашата дипломатска мрежа за итно побарување на меѓународна поддршка и достава на соодветните податоци, се вели во барањата за помош.

Неготинци исто така континуирано апелираат да не се заборави случајот со исчезнатиот Миле Тодоров.

- Точно два месеца поминати од исчезнувањето. Не сакаме неговото исчезнување да биде заборавено и ставено во фиока, како предмет на расчистен случај. Ги замолуваме јавно надлежните институции и медиумите да се расветли случајот што поскоро, апелираа и негови блиски преку објави на Фејсбук.

Миле Тодоров има 28 години



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2025 06:11