Европската комисија денеска објави конкурс за доставување предлози за реализација на проекти поврзани со прекуграничната енергетска инфраструктура ширум ЕУ, за чие финансирање се предвидени 600 милиони евра преку инструментот „Поврзување на Европа“ (ЦЕФ).
Станува збор за т.н. проекти од заеднички интерес (ПЦИ) и проекти од взаемен интерес (ПМИ) дефинирани со измените на Регулативата за трансевропски мрежи за енергија (ТЕН-Е), со кои се прекинува поддршката за инфраструктурата на фосилни горива, во рамки на напорите на ЕУ за остварување на амбициозните климатски и енергетски цели.
Според еврокомесарот за енергија и домување Ден Јоргенсен создавањето на клучните алки за беспрекорни прекугранични енергетски мрежи е од суштинско значење за поврзувањето на Европа.
- Сега, повеќе од кога било, мора да ги интензивираме нашите инвестиции за да обезбедиме вистинска Енергетска унија. Ова е клучно за зајакнување на нашата конкурентност, обезбедување на нашата енергетска безбедност и намалување на енергетските трошоци за сите, истакна Јоргесен по повод објавувањето на конкурсот.
Заинтересираните страни до 16 септември 2025 година може да аплицираат на конкурсот за добивање средства за изработка на студии и за извршување на градежни работи. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на почетокот на следната година.
- Овој конкурс ќе и помогне на ЕУ да ја комплетира Енергетската унија и да се погрижи граѓаните и бизнисите целосно да имаат корист од транзицијата кон чиста енергија и интегрираните енергетски пазари, соопшти Еврокомисијата.
„Поврзување на Европа“ (ЦЕФ) е клучен инструмент за финансирање и поддршка на неопходните инфраструктурни проекти, промовирајќи раст, создавајќи работни места и зајакнувајќи ја конкурентноста. За периодот 2021-2027 година за ЦЕФ е обезбеден вкупен буџет од 5,88 милијарди евра.