Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија (АЕТСМ) го одржа своето Годишно собрание, кое на едно место ги обедини членовите, поддржувачите, партнерите и соработниците за заеднички осврт на постигнатото и за презентација на идните активности.

Собранието го отвори Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска Станков, која им посака добредојде на присутните и изрази благодарност за нивниот континуиран придонес во развојот на е-трговијата во земјата истакнувајќи дека АЕТСМ останува посветена на поддршката на бизнисите во нивниот раст и работење со е-трговија, потенцирајќи ги клучните достигнувања од 2024 година и најавувајќи ги активностите за 2025 година.

„Зад нас е уште една успешна година со бројни реализирани иницијативи и активности согласно поставените приоритети на АЕТСМ. Благодарение на поддршката од членките, приватниот сектор, меѓународните развојни организации и посветениот тим Асоцијацијата успева секоја година да дизајнира амбициозна програма и потоа да ја реализира. Е-трговијата продолжува да расте и во 2024 бележи раст од 9.3% гледано во вредноста на реализирани онлајн трансакции согласно податоците на НБРСМ. Како што расте е-трговијата, се зголемуваат и се менуваат и предизвиците. Секоја година програмата и фокус областите ги дефинираме согласно актуелните предизвици и согласно сугестиите на членките. Така за 2025 година дефиниравме шест фокус области на делување: зголемување и унапредување на понудата во е-трговија и пропратните сектори; зајакнување на дигиталните вештини; градење на партнерства за раст и развој (поврзување и нетворкинг); намалување на неформалната економија во е-трговија; продуктивна соработка со институциите и јавно-приватен дијалог за намалување на предизвиците; и регионална соработка и развој на прекуграничната е-трговија“, изјави Претседателката на АЕТСМ, Д-р Нина Ангеловска Станков.

Работниот дел на Собранието продолжи со анализа на реализираните активности во 2024 година и претставување на планот за 2025 година. Во текот на 2024 беа реализирани бројни активности кои влијаеа на развој на е-трговијата во државава меѓу кои: организацијата на најголемата регионална конференција за е-трговија со повеќе од 740 учесници од Балканот и пошироко, објавувањето извештај од годишната анализа за е-трговија - која за прв пат се однесуваше на целиот Западен Балкан, избор на најдобри е-трговци за тековната година, многубројни едукативни и нетворкинг настани каде учество земаа повеќе од 300 луѓе, зголемување на понудата преку поддршка на 80 ММСП да отворат своја е-продавница, комплетирање на едукативната и ресурсна регионална веб-платформа за е-трговија ecommerce4all.eu, изработена нова автоматизирана платформа за градење на подобра заедница за е-трговија каде се достапни регистар на регистрирани и верификувани е-трговци, како и информации за наделжности на институции каде граѓаните може да се пожалат доколку се незадоволни и т.н…

Дополнитлено, во текот на 2024 година, АЕТСМ заедно со асоцијациите за е-трговија од Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, продолжи со развојот на Балканската Алијанса за е-трговија, која има за цел олеснување и унапредување на регионалната е-трговија. Ангеловска и тимот на АЕТСМ успешно ја водеа Алијансата во нејзината прва година од основањето, што претставува значајно признание за заложбите и лидерството на асоцијацијата во регионот каде на крајот на годината едногласно Ангеловска повторно беше ре-избрана за Претседателка на Балканската Алијанса за е-трговија и за 2025 година.

Ангеловска најави дека и во 2025 година АЕТСМ ќе продолжи со реализација на клучните иницијативи, како што се годишната анализа за е-трговија, регионалната конференција за е-трговија и наградите за најдобрите во е-трговијата. Покрај тоа, асоцијацијата ќе се фокусира на унапредување на јавно-приватен дијалог и соработка со институциите за намалување на предизвиците на индустрија, како и на унапредување на меѓународната соработка и изнаоѓање на нови можности за финансирање за реализација на иновативни проекти поврзани со индустријата.

Сите компании кои сакаат да бидат дел од Асоцијацијата за е-трговија, да ги уживаат бенефитите кои се нудат со членството, како и да придонесуваат во раст и развој на индустријата може да се информираат за членство на веб-стрницата на асоцијацијата www.ecommerce.mk

На Собранието беа презентирани и активностите на Алијансата за родова еднаквост на работното место (ГЕА), подружница на АЕТМ, која се стреми да ја зајакне синергијата помеѓу е-трговијата, дигитализацијата и учеството на жените во економијата.

По завршувањето на работниот дел на Собранието, учесниците имаа можност за неформално вмрежување и размена на идеи за понатамошна соработка. Собранието на АЕТМ уште еднаш потврди дека организацијата останува посветена на развојот на е-трговијата и создавање на поволна деловна средина за сите засегнати страни.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2025 15:00