Кина денеска соопшти дека од 10 април ќе воведе реципрочни царини од 34 отсто на сите увезени производи од Соединетите Американски Држави, исполнувајќи го ветувањето за контраудар откако американскиот претседател Доналд Трамп во средата објави дополнителни тарифи од 34 отсто на сите увози на кинески производи во САД.
„Оваа пракса на САД не е во согласност со меѓународните трговски правила, сериозно ги поткопува легитимните права и интереси на Кина и претставува типична еднострана насилничка практика“, соопшти Комисијата за тарифи при Државниот совет на Кина во изјавата со која ги објави своите реципрочни тарифи.
Откако се врати на власт во јануари, Трамп веќе воведе две транши од дополнителни давачки од 10 отсто на сите кинески увози, за што Белата куќа рече дека е неопходно за да се спречи приливот на нелегален фентанил од Кина во САД. Тоа значи дека кинеските производи што пристигнуваат во САД сега ефективно ќе бидат подложни на царин и од 54 отсто.
Тарифите од 54 отсто се повисоки од она што многу аналитичари го очекуваа и би можеле фундаментално да ги преобликуваат односите, како и трговијата вредна околу половина трилион долари, меѓу двете економии по децении на меѓусебна зависност, пишува Си-Ен-Ен.
Како дел од реципрочните мерки објавени денеска, Кина додаде 11 американски компании на својата „листа на недоверливи субјекти“, вклучувајќи производители на дронови, и воведе извозни контроли за 16 американски компании, забранувајќи го извозот на кинески предмети со двојна употреба. Министерството за трговија исто така објави антидампинг истраги за увезени медицински ЦТ рендгенски цевки со потекло од САД и Индија.
Истовремено, портпарол на Министерството за трговија соопшти дека Кина поднела тужба до Светската трговска организација (СТО). - Тарифите наметнати од САД сериозно ги прекршуваат правилата на СТО, ги оштетуваат легитимните права и интереси на членките на СТО и го поткопуваат мултилатералниот трговски систем заснован на правила, како и меѓународниот економски и трговски поредок“, рече портпаролот.