Училиштата во Прилепскиот регион се безбедни и, главно, ги поседуваат сите инсталации за заштита од пожари, вели инспекторот при Дирекцијата за заштита и спасување во Прилеп, Јован Аврамоски. Редовните контроли се еднаш до двапати годишно, а има и вонредни со последните состојби.
-Состојбата со заштитатата и спасувањето, конкретно, заштитата од пожари и опасни материи, на подрачјето на Прилеп, Долнени и Кривогаштани е на задоволително, може да речам дека е на одлично ниво. Во објектите се застапени сите пропишани мерки кои ги бара законот за заштита и спасување, законот за пожарникарството и подазконските акти кои се донесени врз основа на нив. Значи, од исправност на поставени громобрански заштити, извршени проверки на исправноста на нисконапонските електрични инсталации, хидрантската мрежа како стабилна ситуација за гаснење пожар, сите се проверени. Ормарчињата се проверени и се опремени со потребната опрема за гаснење пожар. ПП апаратите редовно се сервисираат и се одржуваат во исправна состојба. Поседуваат планови за заштита и спасување, правилници за заштита од пожари, вели Аврамоски.
Дирекцијата во соработка со наставничкиот кадар врши едукација за спроведување евакуација. Вежбите се најмалку еднаш во полугодието.
-Се едуцираат за практичната примена на противпожарни апарати. Честопати имаат истакнато планови за евакуација на видни места, имаат систен за противпанични ситуации. Секое училиште во овие општини е посетено еднаш до двапати во годината, а тоа се однесува и на детските градинки, објаснува Аврамоски.
Во едно од прилепските средни училишта нема хидрантска мрежа што, вели Аврамоски е голем проблем и мора што побрзо да се реши.
-Тука имаме голем проблем. За овој случај, ние како Дирекција, имаме дадено согласност за планот, односно елаборатот за заштита од пожари за реконструкција и доизградба на фекална канализација, за водоводна и хидрантска мрежа, надворешна и за партерно уредување. Ние сме дале согласност за проектот, ми се чини дека тоа финансиски беше поддржано од Министерството за образование, но не е изведено на лице место, а некој потпишал дека тоа е така или не е така. Тоа допрва ќе се проверува. Кога го реконструираа објектот тие тоа го немаат направено, односно воспоставувањето хидрантска мрежа, изјави Аврамоски.
Во прилепското основно училиште „Климент Охридски“ со околу 800 ученици уверуваат дека е функционална сета инсталација за заштита, а инспекторатот ги остава будни за состојбите.
-Во добра кондиција е целата инсталација за заштита во училиштето. На пример, ППЗ апаратите еднаш когишно доаѓа инспекција и ги враќаме старите и ги обновуваме, без разлика дали се користени или не. Хидрантската мрежа иако е стара околу 50 години, кога е градено училиштето, но е во најдобра состојба, ја обновивме громобранската заштита. Генерално, како училиште ги имаме сите работи. Еднаш во полугодие редовно правиме евакуација, вели Ахил Јаков, директор на ОУ „Климент Охридски“
Цветанка Ѓордиоска, директорка на средното електромашинско училиште „Ристе Ристески-Ричко објаснува дека е функционална инсталацијата за зашртита, а им претстои редовната вежба за евакуација.
-Хидрантската мрежасе проверува еднаш годишно. Се проверуваат притисокот во мрежата, цревата, планот за евакуација, сето тоа го имаме. Со хидрантската мрежа се покриени сите ходници и катови на училиштето како и фискултурната сала. Внатрешно сѐ е покриено. Хидрантска мрежа немаме во дворот. А вежбата за евакуација ќе ја спроведеме по велигденските празници за што позајмуваме сирена од противпожарната единица, вели Ѓорѓиеска.
Инспекторатот ги контролира состојбите во училиштата во Прилеп, кривогаштани, Долнени и во Крушево. Во прилеп се 10 основни и уште едно музичко училиште и пет средни училишни центри.