Општина Охрид со средства во износ од 2,5 милиони денари ќе финансира проекти од областа на одржливиот локален економски развој и туризмот за тековната 2025 година.
Станува збор за јавен повик за финансирање проекти од областа на локалниот економски развој и туризмот преку партиципативно учество на заедницата од општествена важност и кои произлегуваат од заедницата. Конкретно за поддршка на активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот, на физички лица што се јавуваат како производители, потоа средства за фармери преку градење партнерства и соработки, поттикнување на брендирање на производи и услуги во локалната економија, преземање на активности во насока на рационална употреба на ресурси и др.
Во целите се посочуваат и зајакнување на локалниот економски развој и туризмот, преку воспоставување соработки и партнерства, зголемени можности за подобрување на пристапот до пристојно вработување и зголемување на приходите за различните категории на граѓани, пристап до подобрена едукација и вештини во секторите, обезбедување на поцелосно застапување на конкретни локални/регионални интереси преку зајакнување на локални/регионални иницијативи и поврзување на засегнатите страни на локално/регионално ниво со цел да се создадат конкурентни туристички производи, како и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во заедницата и развивање на свеста за економската важност, социјалните и другите ефекти од туризмот, како и потребата и важноста од зачувување и подобрување на сите елементи на туристичката ресурсна база на охридската туристичка дестинација, а особено заштитата на животната средина како и природното и културното наследство во согласност со принципите на одржлив развој и препораките на УНЕСКО.
Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант), а максималниот износ за поддршка по проект изнесува 300 илјади денари.
Заинтересираните повеќе информации можат да најдат на општинската интернет-страница.