Свештената Обител на манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ – Кичево подготвена е за достојно одбележување на манастирската слава, Благовештение на Пресвета Богородица, на која низ годините доаѓаат илјадници верници.
-Со голема духовна радост, нашата Свештена Обител ги поканува верниците на заедничко торжество по повод пресветлиот патрон празник на нашата обител- Благовештението – денот на радосната вест за спасението на светот. Денот на објавувањето на од века скриената тајна, денот кога архангелот Гавриил и ја објави на Пресвета Богородица спасителна благовест за воплотувањето на Синот Божји, стои во објавата на манастирот.
Црквата, се додава, преку Благовештението не поучува како треба да имаме вистинска вера и послушност кон Божјата волја, како што самата Богородица одговорила со смирена покорност: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според Твоите зборови“.
-Особен благослов за овој Свештен собор е присуството на нашиот возљубен Старец, епископ Антаниски г.Партениј, кој со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, ќе началствува со богослужението, чија благодатна мудрост и смиреност ќе внесат уште поголема духовна длабочина во оваа света служба, се посочува во објавата.
Во предвечерието на празникот, во недела во 18:30 часот ќе се одржи празнична вечерна богослужба, додека во понеделник во 7:30 часот Утрена со Архиерејска Божествена Литургија.
Манастирот „Света Богородица - Пречиста“ или Крнински манастир е средновековен манастир во близина на градот Кичево, основан 1316 година.