Во рамки на вториот Конгрес на медицински сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега, што се одржува во Охрид, во организација на Македонското здружение на медицински сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега (МЗМСАРИН), со меѓународно учество од балканските земји посебен сегмент беше посветен на областа трансплантација со која започна овој конгрес, а беа опфатени и многу актуелни теми од областа на анестезиологија и интензивно лекување.

Проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, во првата сесија, предавањето го посвети на градењето систем за трансплантација, информираат од Министерството за здравство.

Според проф. д-р Кузмановска едукацијата во знаења и вештини е најсилна и најдобра инвестиција, која може да влијае на подигнување на квалитетот, како на системот за трансплантација, така и воопшто за целиот здравствен систем.

Во наредниот период ќе се продолжи со активности за јакнење на јавната свест и изградба на доверба кај населението, како клучни фактори за успешно функционирање на националната програма за трансплантација. Присутните имаа можност да слушнат примери од добри практики од балкански земји и да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници во процесот на донирање и трансплантација на органи.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2025 05:37