Во тек е огласот за вработување на 28 специјализанти, соопштија денеска од јавната здравствена установа Општа болница Куманово.
- Со вработување на специјализантите ќе решиме еден дел од проблемите со кадровата екипираност на стручниот кадар. Се разбира дека со овие 28 вработување не ги решаваме сите потреби од недостаток на кадри во болницата, но се надевам дека во брзо време ќе имаме и вработување на среден медицински персонал, медицински сестри, болничари и помошно-технички персонал кои ни се потребни за нормално одвивање на процесот на 24-часовна здравствена заштита, изјави директорот на болницата Сашо Стошевски.
Планирано е специјализанти од областите на педијатрија, гинекологија, кардиологија, офталмологија, утологија, психијатрија, ортопедија, хирургија, интерна медицина, детматовенерологија, пулмологија, оториноларингологија...
-Обично секогаш милуваме да кажеме дека за се е системот крив, меѓутоа сите ние сме дел од системот, и здравствените работници и пациентите, затоа на овој ден еден апел, ајде сите заедно да се обидеме да го подобриме системот со нашиот однос кон здравствениот работник и односот на здравствениот работник кон пациентите. Да се обидеме сите заедно да го подобриме здравствениот систем, повика Стошевски.
Тој го честиташе 7 Април, Светскиот ден на здравјето, поскувајќи им добро здравје, посветено и ефикасно работење за постигање навремена, брза и ефикасна здравствена заштита на населението.
Од болницата велат дека работат врз начелата на достапност, рационалност, ефикасност и континуираност на здравствената заштита.